Во потрага по изгубеното знаме… и време
Пишува: Владимир Перев
1.
“Случувањата со знамето“ во Софија, ја оттргнаа Македонија од долгогодишната летаргија. Целата држава, заедно со Министерството за надворешни работи и Протоколот, се вдаде во потрага по знамето кое едвам го препознаваат како свое барем половината македонци, но ако станува дума за Софија, тогаш тоа задолжително треба да е таму, па да биде и било кое од нашите загубени знамиња, грбови и химни…важно е бугарите да го признаат. Нашето изгубено, скапоцено време, никој не го бара…
2.
Кое е нашето знаме? Дали е тоа она знаме на СФРЈ, само без петокраката, знаме кое се вееше и по формирањето на плуралистичкиот наш парламент, дали е тоа знамето на Вергина кое сеуште се вее низ нашите пространства, како знак на нашата непомирливост со реалноста и Преспанската спогодба, дали е тоа популарниот “вентилатор“ за кој повеќето говорат со потсмев. Кој е нашиот грб, дали е тоа оној кој ни го претстави сега веќе покојниот д-р Александар Матковски, со двоопашестиот лав, или пак овој сегашниот, соцреалистичкиот кич од кого е тргната само петокраката, за конечно да биде обесмислен. Дали нашата химна е “Хеј словени“, со која се отвори првиот повекепартиски парламент, или онаа херојската со која е отворено Првото заседание на Асном, “Изгреј зора на слободата“ која беше подоцна прогласена за фашистичка или бугарска, тоа му доаѓа некако на исто…дали е тоа сегашната химна “Денес над Македонија…“, која народностите овде не ја препознаваат за своја?! Дали тоа ќе биде химна, која само ќе се свири, без да се пее? Текстот не бил по волјата на другите народи во Македонија?!
Ако ние тоа самите не сме си го расчистиле, кој треба да знае и да се придржува на тоа…или, ако знае, зошто да почитува нешто за кое ние имаме најмалку двосмислена позиција.
3.
Од 1963 година, па до денешен ден, повеќе од 5 000 студенти од Македонија, онаа југословенската и оваа “самостојната“ студираат на сите универзитети и градови низ Бугарија. Ги има на медицина, во актерската академија НАТФИЗ (ВИТИЗ), на Конзерваториумот, Ликовната академија, на техничките универзитети. Голем број од нив се познати имиња во македонската политичка, медицинска, музичка и актерска јавност. Поголемиот број од нив (не сите, но повеќето!) ги ползувале привилегиите на статусот makedon-bulgar, ваделе стари избледени документи на своите предци, добивале елементарна бугарска стипендија и привилегии од материјална природа, завршиле и се вратиле дома. Ниеден од нив, буквално, ниту еден, во овие дваесетина години не стана да даде еден глас, не во одбрана на земјата каде го добил образованието, туку да објасни некои нешта за таа држава, народ и политика.
4.
Председателката Силјановска Давкова тргна во една касно најавена посета на Бугарија, згора на тоа лошо организирана и недоволно подготвена. Тотален колапс на нашето Министерство за надворешни и на Протоколот. Дали претседателката ненавремено ги најавила своите желби и амбиции за средби, или протоколот не ја завршил како што треба работата, тоа треба да го утврди истрагата која задолжително треба да се спроведе. Амбициите биле различни-македонските органи тоа го толкувале како победоносен поход на Софија, а претседателката имала прустовски порив за “потрага по изгубеното време…“ на југословенската слава и доминација. И двете позиции претрпеа дебакл! Конечно, веќе никој не знае дали посетата била приватна или официјална, никој не кажа какви биле договорените очекувања од двете страни.
5.
Софиската Опера има околу илјада седишта. Нашата претседателка требало со себе си да земе околу 150-200 афирмирани лекари, актери и музичари, кои студирале и завршиле во Софија, па тие со своите македонски знаменца да тргнат заедно со неа кон Операта со извиците Македонија, Македонија, па тогаш да ги видам оние дваесетина несреќници пред влезот на Операта кои викаа “ искаме си правата“, да ги видам што ќе извикуваа…тие се познаваат, некои и се пријатели, студирале заедно, се хранеле во исти мензи, спиеле во исти студентски домови! Тие ќе беа вистинското знаме на Македонија, друго не требаше да има! Мислам дека и Радев ќе ги примеше!
6.
Зошто не дојдоа?! Затоа што нивните знамиња, нивните биографии и нивната добра волја се затворени во досиејата на УДБ-а во Скопје и Белград. Не дојдоа затоа што не се поканети, но и затоа што не сакаат да бидат поканети. Не дојдоа затоа што не сакаат одново да се вадат досијеата од нивните сослушувања во полициите низ Македонија и Скопје, нивните ембарга за специјализации низ Југославија, не сакаат одново да се гледаат стресовите на нивните семејста и нив самите. Не дојдоа затоа што “демократските“ Југославија и Македонија им вградија чип на виност, на вина што воопшто отишле да студираат во Бугарија.
7.
“Навуходоносор“ е прекрасна, мајсторски направена опера. Топлината, љубовта но и очајот на плениците, така човечки и блиско до нас претставени, го потврдуваат големото мајсторство на Верди. Не знам зошто Претседателката ја одбрала баш таа опера за да оди во Софија на “културна дипломатија“. Љубовта на Фенена и Исмаел, трагедијата на Навуходоносор, плачот на робовите пред нивната блиска смрт, злобата на Абигејл, или сето тоа заедно ја натерало Силјановска Давкова да оди во Софија. Конечно, сметала ли дека либретото и дејствието ќе имаат некакво влијание врз Радев и неговите позиции…тоа само таа си знае!
8.
Македонските медии велат дека во Гербовата зала на бугарското президентство, ние добивме “опера во опера“! На фонот на “Набуко“ и тамошната романтика и среќен крај, ние добиваме опера на чист веризам, познатата “Палјачи“(“Pagliacci“, нека чита кој како сака) на Руџеро Леонкавало. Таму главниот јунак Канио, во настап на љубомора ја убива својата сопруга Неда, а потоа и нејзиниот љубовник Силвио, сето тоа пред очите на селаните кои како публика дошле да слушаат и гледаат опера. Таму операта-драма се меша со реалниот живот, за сето тоа да заврши со драматичниот извик “La Commedia è finita!“.
9.
Не знам што ние очекувавме од посетата на Силјановска Давкова на Софија. Тоа никој не го соопшти, освен бледите изјави за “добрососедство и културна дипломатија“ на кои никој нормален не верува. Такво нешто никогаш немало, барем не откако паметам. Не верувам дека нашата претседателка можела да предвиди какви последици ќе имаат некои пропусти во Протоколот (ако воопшто ги имало), но затоа можела да знае како тоа ќе биде користено во една унисона антибугарска кампања, којзнае која по ред низ нашите медии. Впрочем, тоа е и мејнстримот на политиката која ја доведе на власт.
10.
Позицијата на Радев е потполно различна. За сите овие години на неговата власт, очевидни се напорите за стабилизирање на македонско-бугарските односи, врз основа на почитувањето на човековите права и меѓународно утврдените договори. Тој го знае ставот кај нас и затоа чуди така лесно прифатената понуда на Давкова за (не)официјална оперна посета на Софија. Уште повеќе зачудуваат неговите дваесетина покани упатени до бившиот ни претседател Пендаровски, со кои овој сега мафта пред нас, потенцирајќи го својот македонски патриотизам. Класична злоупотреба на државничката љубезност на бугарскиот претседател.
11.
Навидум, поголемиот дел од македонските медиуми, ја “распламтуваат идентитетската војна“ меѓу Македонија и Бугарија. Тоа е само навидум, во суштина, зад пишаното стои волјата на медиумските тајкуни и пројугословенските/просрпските политички елити, длабоко навлезени во интересната сфера на одржувањето на единствените добри односи на линијата Скопје-Белград-Москва! “Црниот“ криминален капитал, створен со приватизацијата, а и потоа, како и неговото опстојување, ја диктира националната политика на државата. Затоа понекогаш ни се чини како низ медиумите да слушаме и гледаме разговор на “глувите“…де факто, Македонија го храни наследениот “Стокхолмски синдром“ од српскиот терор низ целиот дваесетти век.
12.
Илустративни се изјавите на две личности, учесници во “оперската дипломатија“ на Силјановска Давкова:
-Димитар Стојанов, актуелен советник на бугарскиот претседател Радев во денешното утринско гостување на Бугарската национална телевизија:Средбата на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со нејзиниот колега Румен Радев помина во добар тон и таа била исклучително конструктивна…тоа не беше ниту официјална, ниту државна, ниту работна посета. Таквите посети не бараат сите елементи на државниот протокол да бидат применети!
-Румен Радев, претседател на Бугарија: Немаше никакви провокации и да не шпекулираме со тоа. Средбата се одржа во пријателски дух. Ние ќе ја помагаме Северна Македонија, побрзо да започне со преговорите по поглавја за членство во ЕУ…Очекувам најавениот стремеж за отвореност и конструктивност да биде прифатен и од Владата на Северна Македонија!
Толку!
13.
Контактите и “оперската дипломатија“ на линијата Силјановска Давкова-Радев, не треба да престанат. Напротив, треба да продолжат да одат на опера, но да гледаат само веристички опери, или пак Вагнер…така ќе бидат по близу до животните вистини, подобро ќе се подготват за предизвиците на совремието, потонато во старите драми и измислици. Љубов и страст, љубомора и завист, тоа се елементите на нашите взаемни односи. Но треба да се знае, историјата не е гола сказна, таму сепак се факти! Треба да престане потрагата по изгубеното време, заборавените и непоставени знамиња и еднаш конечно некој да каже La Commedia è finita!

