Милотинова пред БНР: Европската интеграција на Северна Македонија зависи од самата неа
Евроинтеграцијата на Република Северна Македонија зависи од самата неа. Ваков коментар пред БНР даде познатата бугарска новинарка Милена Милотинова, автор и водител на програмата „Брисел 1“ на телевизијата „Бугарија он ер“.
„Постои преговарачка рамка кон која РСМ мора да се придржува и мора да ја спроведе. Има договори со Бугарија и Грција, како и протоколи кон нив, кои се дел од оваа преговарачка рамка“, прецизира таа. Според Милотинова, не може повторно да се преговара за работите договорени во Преговарачката рамка:
„Самиот предуслов за вклучување на Бугарите во уставот на РСМ го отвора патот на земјата кон почеток на преговорите со ЕУ. Скопје мора да обезбеди предвидливост со спроведување на веќе потпишаното. После тоа, има многу долг процес на самите преговори, доколку самата РСМ реши да ги започне“, нагласува новинарката.
Според Милена Милотинова, РСМ не води дијалог, туку само поставува ултиматуми до ЕУ, до Бугарија, до Грција:
„Ова не е патот до евроинтеграциите. Големиот ризик со кој се соочува РСМ е дека ќе се одвои од Албанија, а Тирана сама ќе продолжи по патот на преговорите. Не знам дали се свесни политичарите во Скопје за ова и дали тие намерно не ја залажуваат јавноста дека е можно нешто повторно да се преговара, а уште помалку дека е можно да и се поставуваат услови и ултиматуми на ЕУ од страна на кандидат за членство“.