ВО ПРИЛЕП ЧЕТВОРИЦА ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19, ВО ПОНЕДЕЛНИК ГОЛЕМА КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА
Во Прилеп денеска се регистрирани четири нови случаи на позитивни на коронавирусот. Од лицата инфицирани со овој вирус нема новооздравен, информира локалната самоуправа.
Во инфективното одделение на општата болница „Борка Талески“ се хоспитализирани 16 лица позитивни на Ковид-19 и сите се со стабилна клиничка слика. Во делот за изолација се наоѓаат двајца пациенти.
Во самоизолација се 228 лица, а во изминатото деноноќие немало нарушување на полицискиот час.
Во текот на вчерашниот ден имаше три смртни случаи. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починаа две лица од Прилеп, пациентка на возраст од 55 години лекувана на клиниката од 24 април, и 87-годишен пациент лекуван од 27 април, и двајцата со тешка форма на болеста и со респираторна слабост. Во текот на вчерашниот ден во Прилеп почина уште едно лице – жена на возраст од 69 години, позитивна на вирусот, починала дома.
Со ова во Прилеп досега има 10 смртни случаи поради коронавирусот.
За понеделник градот најавува голема крводарителска акција. Градоначалникот Јованоски го повторува апелот дека со дарувањето крв се спасуваат животи.
-Доброволното дарување крв е секогаш добра идеја, дури и во услови на пандемија. Има болни на кои нашата крв им е неопходна, кои не можат и не смеат да чекаат да помине пандемијата, вели Јованоски.
При акцијата ќе бидат преземени сите безбедносни мерки според протоколите за заштита од коронавирусот.
-Ги повикувам сите граѓани на Прилеп кои се чувствуваат здрави и може да издвојат дел од своето време, да се приклучат и да даруваат од скапоцената течност. Прилеп останува град на хуманоста, на солидарноста и на крводарителството, нагласува Јованоски.