ВО ПРИЛЕП КОНЦЕРТ НА АКАДЕМСКИОТ ХОР „МИРЧЕ АЦЕВ“

Во ликовниот салон во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечер (20 септември) со почеток во 20 часот концерт ќе одржи Академскиот хор „Мирче Ацев“ .

На програмата се дела од Рахмањинов, Мокрањац, Гајдов, Шуплевски, Скаловски, а ќе изведе и сплет на песни од Тоше Проески, аранжирани од Дамјан Темков. Со хорот ќе диригира Јасмина Ѓорѓеска, а како пијано-придружба ќе настапи Тамара Коминовска .

Академскиот хор „Мирче Ацев” е дел од Академското културно-уметничко друштво при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје. Постои од основањето на здружението во 1949 година. Оттогаш па до денес, Хорот опстојува одржувајќи многубројни успешни настапи и освојувајќи голем број награди на фестивали низ целиот свет. Има одржано концерти во Франција, Полска, Англија, Италија, Бугарија, Унгарија, Романија, Холандија и во други земји.

Како универзитетски хор, Академскиот хор „Мирче Ацев” има многу богата соработка со другите универзитетски хорови во Европа. Влезот за концертот е слободен.



Слични Објави