|

ВО ШПАНИЈА ИМА НАЈМНОГУ ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ЗАБОЛЕНИ ОД КОРОНАВИРУС, НАД 50.500

Вo Шпанија, досега 232.500 луѓе се заразиле со коронавирус, од кои повеќе од 50.500 се здравствени работници, што ја прави земја со најмногу заразени лекари и медицински сестри во светот.

Речиси три месеци, здравствените работници се соочуваа со недостаток на заштитна опрема и пренатрупани одделенија. Од неодамна започна нивното тестирање за коронавирус, така што бројот на заразени може да биде уште поголем.

„Никогаш не сме се чувствувале толку ранливи“, вели Карлос Торибијо (26) од одделот за општа хирургија во болницата „Ла Паз“ во Мадрид.

Во неговиот оддел, 13 хирурзи биле позитивни за Ковид-19, од вкупно 40 кои работат таму. Ситуацијата е слична меѓу специјализантите и во другите оддели.

„Се плашам дека во моментот додека го читате ова, бројот на заболени здравствени работници дополнително ќе се зголеми“, додава тој.

За младите лекари во првата линија на фронтот, пандемијата е големо искушение. Многумина ги нарекуваат херои, а секоја вечер милиони жители аплаудираат од своите балкони и прозорци во нивна чест.

Од вкупниот број на заразени во Шпанија, 22 проценти се здравствени работници.

„Немавме заштитни маски. Кога дојдоа, многу од нив беа неисправни. Немаше ниту тестови за коронавирус. Во такви услови, епидемија како оваа не може да се контролира“, велат од Шпанското медицинско здружение (ОМЦ), од каде додаваат дека сепак со текот на времето ситуацијата одела кон подобро.

Извор: Макфакс

Слични Објави