| |

Во Софија е поставена изложба посветена на 120-та годишнина од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Бугарија и САД

Изложба реализирана од Државната агенција „Архив“ во партнерство со Научниот архив на БАН и БТА прикажува историски моменти од 120-годишната историја на бугарско-американските дипломатски односи. Изложбата е насловена „Откривајќи ја Америка. 120 години дипломатски односи меѓу Бугарија и САД“ е идеја на Дирекцијата „Америка“ при Министерството за надворешни работи на Бугарија.

„Оваа изложба претставува поширока панорама на билатералните културни, верски и економски односи меѓу двата народа, уште пред воспоставувањето на официјалните меѓудржавни односи“, рече во своето излагање претседателот на Државната агенција „Архив“ доц. Михаил Груев. Во првиот дел од изложбата се прикажани различните американски протестантски мисии што делувале во бугарските земји, илустрирани се и активностите на најстарото американско училиште надвор од САД – „Роберт колеџ“ во Константинопол, кое ја обучувало првата генерација интелектуалци и државници, кои станале градители на модерна Бугарија.

Прикажано е и „откривањето“ на Америка од страна на Бугарите, почнувајќи од Алеко Константинов со фељтонот „До Чикаго и назад“, па се до бугарскиот емигрантски бран од почетокот на 20 век.

Акцентот на изложбата е ставен на самото воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји во 1903 година и нивната динамика во годините на Првата светска војна и по неа, кога САД беа единствената голема сила поповолно расположена кон Бугарија во контекст на Версајскиот систем. Во изложбата се претставени и американските фондации, кои учествувале во обновата на Бугарија по Првата светска војна. Не се занемарени и падовите на билатералните односи, како што е објавата на војна на Бугарија кон САД во декември 1941 година и прекинот на дипломатските односи во 1950 година.

На крајот на изложбата се претставени односите меѓу Бугарија и САД по Втората светска војна, билатералните посети на највисоко ниво и потпишаните билатерални договори.

Изложбата може да се погледне до 31.08.2023 година, секој работен ден од 9:00 до 17:30 часот во изложбениот салон на Државната агенција „Архиви“ на Бугарија.

Слични Објави