Во Софија ќе се одржи национална конференција за „Слободата на Украина“
Центарот за истражување на европските вредности и департманот „Нова бугаристика“ при Новиот бугарски универзитет, со поддршка од Сојузот на резервните офицери „АТЛАНТИК“, организираат Национална научна конференција посветена на слободата на Украина, jавува БГНЕС.
Настанот ќе се одржи денеска во Централниот воен клуб, Свечената сала (бул. „Цар Освободител“ 7).
Конференцијата ќе собере врвни научници, професори, експерти и студенти кои ќе ги разгледаат клучните прашања поврзани со историскиот, културниот и геополитичкиот развој на Украина во контекст на современите предизвици.
Модератори на конференцијата ќе бидат проф. д.н. Георги Фотев и доц. д.н. Морис Фадел.
На отворањето на конференцијата ќе се упатат поздрави од: претседателот на Советот на Новиот бугарски универзитет проф. Веселин Методиев, ректорот на НБУ проф. Пламен Дојнов и амбасадорката на Украина во Република Бугарија Олесија Илашчук.
Програмата ќе содржи предавања и дискусии на теми како што се: Украина по распадот на Советскиот Сојуз; Геополитичките димензии на војната на Русија против Украина; Националниот, културниот и духовниот идентитет на украинскиот народ; Улогата на Украина во иднината на Европа.
Во списокот на учесници се водечки бугарски и украински научници, меѓу кои: проф. Георги Фотев, проф. Огњан Минчев, проф. Михаил Станчев, проф. Тодор Тагарев, проф. Михаил Неделчев, проф. Пламен Дојнов, доц. Јордан Ефтимов, доц. Маја Ангелова, доц. Билјана Курташева и други.
