ВРАЧЕНИ СЕРТИФИКАТИТЕ ОД АРТ СИМПОЗИУМОТ ЗА МЕНАЏМЕНТ
Денеска во Министерството за култура им беа врачени сертификатите на учесниците од министерството, на неодамна одржаниот Arts Symposium (Симпозиум за менаџмент во уметноста) што беше организиран во соработка со амбасадата на САД во Р. Македонија и со ЗГ Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата од Скопје …
Министерот Асаф Адеми, со Бен Лингеман, аташе за култура во амбасадата на САД, Борка Танеска, асистент за култура во амбасадата на САД и извршната директорка на Локомотива, Биљана Тануросвка-Ќулафковски, ги поздравија учесниците, им се заблагодарија за интересот и им посакаа практиките што беа споделени на дводневниот симпозиум од врвни стручњаци за културен менаџмент од САД, практично да ги применат во овдешната средина, во институциите од културата и во независната сцена.
На семинарот учествуваа околу 80 културни работници и менаџери од земјава, како и дел од администрацијата на Министерството за култура, а програмата беше фокусирана на презентација на алатки за усовршување на лидерските способности и менаџерските вештини на раководните структури за ефикасно функционирање на институциите во културата.