Вратете ги бугарските ленти… или чувајте си ги дома!
Пишува: Атанас Величков
Помина уште едно одбележување на 4 февруари, денот кога пред 153 години во бугарскиот унијатски град Кукуш во семејството на Никола и Султана Делчеви се родил Георги Николов Делчев, кој станал познат како неформален лидер на Организацијата, нарекуван од своите современици едноставно Гоце. Делчев е еден од ликовите во заедничката историја на Република Северна Македонија и Република Бугарија, кој може да се нарече главно сврзно ткиво меѓу Бугарите и современите Македонци. Така посакуваниот мост, рушен со децении од интересот на туѓинците, што денес, така вешто си ги плетат шемите во Скопје и упорно се трудат да го стават под знак прашалник европскиот развој на Бугарија и воедно македонскиот пат кон Европа. Гоце Делчев и покрај својата несомнена големина станува причина за примитивни изблици на елементарната некултура, омраза и презир, кои ги загушуваат оние, чив воз за Белград и Москва никако да застане на брза пруга, туку стои закочен и без никакво греење некаде во пустелијата на застарените сништа за лажна големина и оправданост на постоењето.
Во вагоните на закочениот воз се смрзнуваат граѓаните на земјата, чиј министер за транспорт ги нарече Бугарите мизерни, а неговиот шеф им порача дека се добродојдени, ако сакале да го испочитуваат како исклучливо македонски револуционер и херој. Нешто што не одговара не само на историската вистина, туку и на моралот, бидејки станува збор за човек, чиј идентитет е сменет за внатрешна употреба после неговата смрт. Жалосно е тоа непочитување!
Во право е бугарскиот амбасадор во Скопје, кога вели дека идните генерации ќе ни се смеат за неразбирањето и поделбите околу ликот и делото на најголемиот син на поробена Македонија. Неговата борба за автономија на Македонија и Одринско и неговиот патриотизам се беспорни. Нешто што не може да се каже за методите со кои денес некои се обидуваат да го зацврстат раздорот од двете страни на границата со трикови на нискобуџетен лажен патриотизам и лицемерие, кое граничи со бесконечноста на вселената.
На овој 4 февруари, во дворот на црквата „Свети Спас“, каде што се наоѓа саркофагот со коските на Гоце Делчев, својата почит кон него ја изразија и претставници на бугарските дипломатски претставништва во земјата, заедно со членови на бугарската заедница овде. Тие ги положија своите венци и свежо цвеќе и ги наведнаа главите пред апостолот на слободата на македонските Бугари и сите етникуми во географска Македонија во тоа време.
Бугарското присуство покрај вечното почивалиште на Делчев беше запечатено и индиректно од екипата на МРТ, која ги илустрираше настаните на денот посветен на Гоце, додека амбасадорот Радуков го држеше своето кратко обраќање до присутните.
Некои најверојатно си помислиле дека, ако се откорнат лентите со бугарското знаме од бугарските венци, ќе го избришат бугарското оддавање почит кон херојот или пак ќе ја заличат неговата бугарска етничка припадност. Непотребен примитивизам, кој меѓу другото треба да ѝ покаже на официјална Софија со кого реално си има работа. Лентите во боите на националното знаме на Бугарија ги нема, но Бугарија е сеприсутна кога станува збор за Гоце… тоа не му било пресметнато на непознатиот јунак.
Вратете ги лентите дами и господа чувари на коските на Делчев, а ако не сакате, чувајте си ги како реликвии во своите домови! Покажете достоинство, дека конечно сте созреале како нација. Нивното физичко отсуство пред саркофагот на Гоце, нема да го направат нашиот апостол помалку Бугарин или повеќе Македонец. Тој е и двете, а вие…? Вие не можете да ја измислите временската машина што ќе го избрише или откорне тоа.

