За 103-цата поречани и Крвавиот Божик 1945
Пишува: Тодор Вангелов
Деновиве некои портали, објавувија за 103-ца поречани убиени од ‘гнасна бугарска рака’. Трагедијата е што сите тие македонски портали или општо Македонците се сметаат дека се ВМРО, без разлика ДПМНЕ – Ваљево или какво и да е ВМРО, сите тие се повикуваат на идеалите на ВМРО. Но, дали во пракса навистина е така.
Во Порече, кон крајот на XIX век, српската пропаганда била толку силна што Порече во тоа време било познато и како „Мала Шумадија“.
Познато е дека Македонија била под српска окупација од 1912-1915 година и од 1918-1941 година, тоа се некаде вкупно 26 години српска окупација на Македонија, но српската пропаганда во Македонија започнува далеку порано пред да настапи окупацијата од ‘браќата Срби’.
Нема да се задржувам кога започнала српската пропаганда во Македонија и каква била 26 годишната српска окупација на Македонија, но важно е да се спомене за да се разберат нештата околу 103-цата убиени поречани.
Првите српски и/или србомански чети биле формирани, покрај Кратовско и Кумановско, и во Порече. За водачи на четите биле поставувани стари арамии, а подоцна и српски офицери, а за прв српски или србомански војвода бил назначен Мицко Крстев(иќ).
Кој е Мицко Крстев(иќ)?
Мицко Крстев Павловски е српски односно србомански војвода и пропагатор на српската вооружена пропаганда во Македонија. Бил учесник во српско-турските војни како доброволен учесник од српска страна. Од страна на Турците осуден е на 101 година затвор. Бил затоворен во Битола и Солун, но и во затворот тој бил под влијание на српската пропаганда; научил да зборува, чита и пишува српски.
Во 1896 година додека бил во затвор во Битола, каде што исто така биле затворени и Дончо Штипјанчето, Јордан Гавазов и Стојан Лазов од ВМОРО, поради непристојното однесување на србоманот Мицко, тој бил повеќе пати избоден со нож од страна на ВМРО дејците и поради тој конфликт, Мицко засекогаш заминал во служба на српската пропаганда во Македонија.
Во битолскиот затвор во 1901 година бил затворен Даме Груев, еден од основачите на ВМРО, тој се спријателува со Мицко Крстев(иќ). Според сеќавање на Даме:
„Мицко, родум од с. Латово, Кичевско. Тој беше осуден како бунтовник од 1881 година. а дотогаш поминал 19 години во затвор. Често се среќававме. Мицко бил Србин. Се обидов да влијаам врз него, а кога беше ослободен, тој дури ми вети дека ќе им се придружи на нашите одреди, но не го стори тоа, очигледно под влијание на српскиот конзул или на српските учители“.
Во 1904 година со помош на српскиот конзул, Мицко бега од затвор, оди во Порече и таму ја организира првата српска вооружена чета во Македонија. Истата година се создаваат канали за пренесување на оружје и муниција на релација Врање-Скопје-Прилеп-Битола-Порече.
Во август 1904 година, војводата Георги Сугарев започнал да ја гони четата на Мицко, а војводата Петар Ацев бил испратен како засилување. После тоа на лице место пристигнува и Даме Груев со својата чета.
Според спомените на Ѓорче Петров во 1904 година се одржува Прилепски конгрес: „На Груев му се довери да замине за Порече, за да се справи, според условите на самото место со српската вооружена пропаганда“.
Се задржав подолго на Мицко, затоа што тој е еден од првите и главните организатори и пропагатори на српската вооружена пропаганда во Македонија, создавајќи српска чета во Порече.
Порече било јадрото на српската четничка пропаганда во Македонија, населението биле јатаци на српските чети, ги помагале и учествувале во предавства и борби против ВМРО.
Покрај србоманскиот војвода Мицко Крстев(иќ), српското четничко движење ги примило и војводите Зафир Премчев(иќ) од Лупште, Риста Петров(иќ) од Девич, Михаило Јованов(иќ) од Македонски Брод и Бошко Вирјанац од Вир.
Поради бандитското однесување на Мицко, тој е префрлен во Србија, а го заменуваат нови српски групи предводени од Глигор Соколов(иќ), Јован Бабунски и други.
Во 1908 година Мицко повторно ќе се врати во Македонија, а во 1909 година ќе биде убиен од Блаже Крстев – Биринчето, војвода на ВМОРО.
Со повлекување на српските окупаторски војски од Македонија во 1915 година и доаѓањето на бугарската армија, која народот ја пречекал како ослободителна армија, а и за време на Балканските и Првата светска војна населението од Македонија (со исклучок на србоманите и гркоманите) и ВМРО биле на страната на бугарската армија и се бореле против српските и грчките војски, на ВМРО му се укажува можност за одмазда.
По список составен од ВМРО уапсени се 205 лица од Порече, служители на српската вооружена пропаганда во Македонија. Дел од нив се однесени во затвор, а најзлогласните се однесени во месноста наречена „Дервишка нива“ и се убиени.
После завршувањето на Првата светска војна, кога повторно Македонија потпаѓа под српска окупација во 1918 година, српските окупаторски власти градат спомен костурница на убиените србомани. Плочата што денес ја објавуваат по порталите најверојатно е поставена за време на србокомунистичкиот режим во Македонија.
За жал македонската јавност не е доволно информирана, туку слепо верува на објавите од медиумите без претходно да се испитаат нештата. Ако Македонците се ВМРО или го следат идеалот на ВМРО, тогаш нема да ги прославуваат убиените во Порече, бидејќи тие биле џелати на ВМРО и Македонците.
Но, од друга страна, додека српската пропаганда и денес успева кај Македонецот да постигне да жали и слави убиени србомани или Срби, кои вршеле терор врз Македонците во тоа време, празнувајќи го убиството на 103-ца поречани на 6 јануари, се прикрива вистинскиот празник односно масакар кој е извршен од страна на комунистичката власт во Македонија врз вистинските синови на Македонија на 7 јануари 1945 година.
Зошто македонската јавност молчи за тоа? Зошто македонските портали не споделат таква вест?
Крвавиот Божик
На 7 јануари 1945 година, првиот ден на Божиќ, по список составен од Лазар Колишевски во Вардарска Македонија се убиени без суд и пресуда 1200 луѓе. На 26 декември 1944 година, неколку дена пред Божик 1945 година во касарните во Скопје и Штип се побуниле неколку илјади војници и над 100 офицери. Тие не биле согласни со дојдената заповед од Белград да заминат на фронт во заштита на Србија. Ја изјасниле својата желба војската да се насочи кон Солун, за да се ослободат сонародниците од Егејска Македонија.
Пратениците на Тито, Светомир Вукмановиќ – Темпо, Лазар Колишевски и генерал Михајло Апостолски одлучуваат, дека сега е моментот за пресметка со приврзаниците на “бугарскиот окупатор”. Тие ги собираат околу себе српските офицери и им кажуваат дека побунениците се некакви “бугараши”, “Ванчомихајловисти”, “ВМРО-вци” и “фашисти”.
Генерал Апостолски ги примамува побунетите офицери во Офицерскиот клуб во Скопје “за да разговараат за ова прашање”. Таму веднаш ги разоружуваат, уапсуваат и ги затвораат во занданите на старата турска тврдина “Кале”. По кратко испрашување, водено лично од Темпо само за неколку часа се стрелани над 70 офицери. Пред испрашувањето Темпо на секој му велел: “Хочеш Солун, ево ти га…” и ги убивал.
Војниците кои веќе се прибрале во касарните почувствувале дека со нивните офицери нешто се случува и околу 1000 од нив повторно се насочуваат кон центарот на Скопје. Таму се пресретнати од добро забарикадирани српски партизани, кои започнуваат против нив безмилосна автоматска стрелба.
Убиените на плоштадот се околу 100, над 900 се уапсени и затворени на “Кале”. Таму се чуваат повеќе од еден месец без леб, вода и ќебиња. Речиси сите умираат од глад и студ. На 6 јануари спрема 7 јануари 1945 година започнало масовно истребување на градоначалници, свештеници, учители, обични селани низ цела Македонија…
Наместо да се објавува и слави некакво убиство на поречани, кои биле предавници и служители на српскиот окупатор, секој Македонец треба да ја споделува оваа историска вистина и да ги слави овие паднати души за Македонија, затоа што сите убиени во 1945 година на Божиќ, па и после 1945 година биле ВМРО дејци и поборници за независна и слободна Македонија, надвор од границите на Југославија.
Нека им е вечна славата и Бог да им подари вечен покој на душите на убиените во 1945 година од страна на србокомунистичката окупаторска власт во Македонија.

