|

За битолската болница ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност и од Владата и Меџити: „Не е виновен само директорот“

За тоа што нема корективни мерки за состојбата во болницата во Битола одговорни се и министерот за здравство и владата, не само директорот, велат од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Обвинија за системски пропусти во болницата во Битола, каде пред повеќе од 20 дена почина малата Јана и пред четири дена почина новороденче. Велат дека нема разрешница на случаите од стручен аспект, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Министерство за здравство не одговорија.

„Кога била последната контрола во Болницата во Битола и што конкретно е утврдено за примената на Законот за евиденции во здравството ?; Колку редовни и вонредни контроли се извршени во ЈЗУ во последнава година, каде се евидентирани неправилности, врз основа на овој или други закони кои се однесуваат на здравствен третман?; Кои се корективните мерки по овие надзори?; Кои мерки ги имаат преземено надлежните институции за заштита на здравјето на трудниците и новороденчињата, посебно во сегментот кој се однесува на лекарски надзор, за да не дојде до вакви немили настани?; Зошто Комитетот за безбедно мајчинство не реагира за аномалиите кои се однесуваат на овој сегмент, следи ли дали има почитување на протоколите за безбедност на мајките и децата и кои мерки и препораки ги презема?; Зошто Министерството за здравство не презема апсолутно ништо за решавање на проблемот со недостиг на кадар во Битолската болница?; Зошто ништо не се презема за лошата инфраструктура и условите за третман на пациентите во Болницата?“, прашуваат од партијата.

Комисијата за здравство на ВМРО смета дека овие системски пропусти, непреземање корективни мерки, со неконтролирање на протоколите за работа во установите, со невработување кадар и неинвестирањето во инфраструктура уште еднаш се потврдува дека одговорноста не може да се лоцира само на директорот на установата, туку и на Министерството за здравство и Владата и затоа сите мора да одговараат.

Барат транспарентност со стручни факти и аргументи и целосно расчистување на двата немили настани кои се случија за нецел месец во Болницата во Битола пред се заради враќање на довербата во јавно-здравствениот систем и преземање институционални мерки итно и неодложно.



Слични Објави