ЗА ИДЕНТИТЕТСКИТЕ РАБОТИ

//

Историските процеси, кои како незапирлива река течеле во 19-тиот и 20-тиот век, засекогаш ја промениле политичката карта на Европа, но и на светот. Имено, токму во тие две столетија се создале најголем број од  денешните нации-држави, а со завршување на Втората светска војна се уредил и денешниот светски поредок, преточен во ООН ( Организацијата на Обединетите Нации). Судирот на интересите на Големите сили, во прв ред  на Руската империја и Австро-Унгарија за распределба на сферите на влијание на Балканот после протерувањето на Отоманската власт од овие области, го  ставил „ под мраз“, решавањето на македонското прашање, кое неславно завршило на зелена маса во Букурешт, Романија во 1913 година. Индолентноста, немањето на силно развиена свест за државотворност, влијанието на соседните православни цркви врз свеста на словенското население и обликувањето на истата, кај Македонците создало „ кармакаша“ во нивното себеспознавање. Најубава илустрација за тоа што се Македонците на почетокот на 20-тиот век дава Крсте Петков Мисирков, апостолот на македонскиот литературен јазик, во своето епохално дело „ За македонцките работи“, велејќи: Ние не сме Грци, ниту Бугари, ни Срби, но што сме? Преку ова загадочно прашање, тој луцидно констатира дека во ред со соседните нации, кои веќе создале свои национални држави, македонскиот народ достатачно заостанува, и доцни во формирањето на својата национална свест и изградба на идентитет. Историската небиднина за Македонците во првата половина од 20-тиот век, оневозможува создавање на сопствена национална држава на македонскиот народ со полните политички права и слободи. Сепак во виорот на Втората светска војна, кога се создале услови за конституирање на македонска држава, а со тоа и на изградба на македонски национален идентитет, историската судбина, се коригирала.

Веднаш, по формирањето на сопствената држава, започнал конструктот на новата млада македонска нација. За да се утврди, и доволно да се диференцира од тие со кои имала најголема културолошка , лингвистичка сличност и делела заеднички историски личности и настани, македонската држава, т.е новото комунистичко водство, го започнал тешкиот процес на „ македонизам“- негација  на се и секој, кој во поблиското, и подалечно минато, испреплетено  се врзува како нишка со бугарската држава, и со бугарскиот народ. Имено, започнала свесната систематска пропаганда со која се вдахнувало омраза и негативен набој кон Бугарите, а од друга страна чувство на заедништво со Србите, се во интерес на новопроектираното „ Братство и единство“, во новата заедничка држава Југославија.

Историското клопче, почна да се одмотува во 1991 година, кога се распадна поранешната тоталитарна заедничка држава, во која за Македонија и македонскиот народ, постоеше една единствена вистина- таа која ја пишуваа комунистичките историчари, и која беше догма , како за научната , така и за политичката фела. Процесот на демократизација донесе нов бран на „поимање на историјата“.На  бројни темни историски настани, преку стручно и објективно историско истражување, им се фрли нова историска светлина,  со која се отвора дебата за досега прифатените историски стандарди, односно за нивната објективност. Македонија одново почна да го спознава својот историски идентитет, и своето наследство. Одново пропагандните кујни, овој пат во независна и суверена Македонија, сервираа бунило кај македонските народни маси, преку процеси на антиквизација, комбинирајќи со процес на „ рејугословенизација“, создавајќи еден идентитетски „ франкештајн“ во главата на Македонецот.

Идентитетот во новото време е иреверзибилен  ( неповратен) процес. Тој не се губи, и не може да се обезличи на зелена маса како во темниот  19 век. Низ сите историски премрежја  денес  Македонците имаат изграден свој автохтон, автентичен идентитет, како испреплетеност од сите нивни историски настани, и збиднувања кои ги дефинирале во последните  150 години. Македонците не смее и не треба да го имаат фрустрирачкиот комплекс на ниска вредност дека се најмлада нација на Балканот, или да не прифаќаат некои ноторни вистини, дека голем дел од својата нова историја- револуционерна и преродбеничка, е во  тесна корелација со бугарската, преку заеднички историски личности, настани, дејци, односно луѓе кои својот животен и творечки век го поминале на етногеографските  површини на  Бугарија и на Македонија, честопати поимајќи ги како едно. Колку побрзо се ослободиме од вишокот историски фрустрации, толку полесно ќе се интегрираме во развиениот свет како слободни, самостојни, со свој културен и национален идентитет, кој ќе се промовира и натпреварува  во ред со останатите европски идентитети. Онака како што сметаме дека замислувал нашиот апостол на македонската борба за сопствен идентитет Георги Николов Делчев.



П.С Долната вилица на дипломатот од кариера Ристота Никовски, не треба да  се клати повеќе, бидејќи бајаги е расклатена и може да падне. Време е да одмори,и да не не убедува дека македонскиот идентитет сакаат да го разнебитат, разграбат и избришат. Тој е тука, во нашите глави, и само од нас зависи како во понатамошност ние ќе го развиваме и промовираме.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки

Претходна статија

ПРОНАЈДЕНИ ИСЧЕЗНАТИТЕ СЕСТРИ ОД ПРОБИШТИП

Следна статија

ВО ОХРИД ЌЕ СЕ ОДРЖАТ ИНФОСЕСИИ ЗА ПРОГРАМАТА „КРЕАТИВНА ЕВРОПА“

Најново од Истакнато

Последниот атентатор (8)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев. На почетокот