ЗА НИВ ТОРТАТА ЗА НАС ТРОШКИТЕ

Ем Груби домаќин на куќава, ем Ахмети на чело на масата, а пак Османи се извинува… моја грешка не се извинува, само ја признава вината за сликата без маски. Извинување нема, само жалење од страна на првиот дипломат за тоа што сликата предизвикала негативни чувства и нервози кај граѓаните.

Командант Али и неговата верна дружина ја направија поредната демонстрација. Првиот заменик премиер се пофали со „својот нов дом“, токму на роденденот на неговиот лидер. Има симболика. Интегративците го добија својот штаб во строгиот центар на главниот град. Подарокот не е за Груби, туку за Ахмети, бидејќи тој е главниот лик во приказнава.

Овде мерките за безбедност немаат никакво значење бидејќи, кога можат премиерот и министерот за здравство без маски и без дистанца да се „ладат“ по планини со мотори на четири тркала, кои сме ние да им замериме на другарите од ДУИ затоа што не носат маски во нивното најново дувло, чија вредност како што се пофали самиот домаќин изнесува 14 милиони евра.

Бидејќи е општопознато дека организаторот на роденденската забава нема да биде санкциониран, ние треба да се концентрираме врз пријавувањето на прославите кај нашите најблиски комшии. Короната одамна е „умрено“ за функционерите без разлика дали се работи за комуњари или за поранешни марксисти ленинисти. Функционерите го чекаат своето парче торта, а ние како мисири чекавме пред банките за трошките што ни беа доделени како директна помош од страна на истите тие дебелогазовци.

Што ќе сработат подстанарите во новата зграда на Министерството за политички систем е најмалку важно. Ќе излезе Груби на тв, ќе каже нешто против Бугарите, лажно ќе искаже загриженост за македонскиот идентитет, како што направи неговиот партиски колега командант Форина и се ќе му биде простено од напатениот македонски народ. Барем сега се знае како најбрзо се стигнува до срцето и на најзабеганиот „македонски патриот“ кој повикува на гасни комори за „Шиптарите“.

Знаете што? Ние навистина сме подготвени за влез во ЕУ. Ова со различните аршини за функционери и нивните работодавачи плаќачите на данок е само неуспешен обид за непријателска пропаганда и ширење на лажни вести фатени во фотографија. Пред законот сите се рамноправни, со таа разлика што едни батки и дадиња се порамноправни од другите, се додека се на власт и му прават „мигови на изненадување“ на својот лидер.

Г-не Османи, нема потреба од признавање на било каква вина, „начукајте“ им го на Бугарите и ќе можете херојски да продолжите да нè мочате од герамиди. Г-не Груби проверете дали се е во ред со зградава во однос на противпожарниот систем. Хидрантите мора да бидат исправни, оти ако да не даде Господ стане некаква белја ние клошарите треба да ви ја плаќаме сметката. Помислете барем за момент и за нашите џебови, додека високоценетиот ви задник тоне во скапиот намештај на вашиот нов дом.

PS: Не може вам нико ништа јачи сте од судбине… драги мои интегративци и поранешни команданти на ОНА.



Автор: Атанас Величков
Фото: Фактор.мк