36

Се сеќавам, некаде околу 90тите, во дворот на Американецон, карши автобуска, се наместе првата домашна сателитска антена- пречник минимум 2м (пред тоа нешто ко сателитска имав видено горе на поштата и во дворот на ЕМУЦ во Битола- оваа сателитска ја видов и денес, и таа ме турна во вакви размисли).

Како дете, ја вртев низ мислите среќата да имаш 36 канали на телевизор [нашиот телевизор имаше максимум 36 можности- беше нов, а канали: 3 македонски (на лето на МРТ3 уклучуваа SKY, од 7 до 11 наутро, и имаше долгометражни цртани, а во недела обавезно имаше уклучување од Радио Телевизија Београд- постарите гледаа емисија за ЈНА и Варошарие), и голема привилегија да се живее погранично, уште 3 канали ЕТ1, 2,3 (татко ми неколку вечери со ред, откако го купивме првиот телевизор во боја од кај Гиција, со хируршка прецизност, и внатрешна дезинфекција, внимателно вртеше по кондензаторите, со цел да фати и Албанска, па макар и со мрави, а јас и сестра ми жртвувавме од времето за гледање, надевајќи се дека ќе успее, и дека ќе имаме 7 канали, место 6, но безуспешно, ни пречеа зградите)].

Набрзо после тоа (година или две), во тој натпревар за престиж, Роберт на Роза наместија сателитска. Беше поголема од таа на Американецон, плус не им беше в двор, ами надвор откарши, на висок железен столб и ми беше в комшии. Додека се поставуваше столбот и антената, сите деца од Црквиште се собравме да гледаме, а Роберт, додека работниците, специјално дојдени од друг град, работеа на антената, не прашуваше нам децата која антена е поголема, неговата или на Американецон (тогаш доблеста сеуште беше во големината). И какви 36 канали, се зборуваше за оваа антена дека има над 50. Доволно за да ја сменам рутата и наутро да одам на училиште од уличката на која стоеше антената (тогаш децата одеа на училиште, плус и пешки и без тато и мама).

Имаше оваа антена и посебен механизам кој, претпоставував, со далинско, можеше да ја менува положбата на антената под агол во иста рамнина и соодветен азимут. Поминуваш покрај неа и слушаш електричен глас: зззззз, антената се придвижува, а ти се чувствуваш благословен што можеш да сведочиш вакво нешто. Ех…



А после тоа дојдоа сателитските за дома (Чичко Славе мислам дека ја донесе од Бугарија, а дома имаа и Комодоре 64), па престижот го смени тежиштето и Роберт на Роза донесоа ганц Бемве (200 илјади марки- кружеше муабет), но тогаш не бев по колите.

Автор: Васко Цветковски

Расказ од необјавената збирка разкази „Праисторија“