| |

За пописот во РС Македонија, бугарскиот пасош и други вистини

Пишува: Иван Анчев, поранешен Генерален конзул на Република Бугарија во Чикаго/ Faktor.bg

Зомбирани од „борбите“ на партиите во Парламентот, пропуштаме стратешки важни случувања за бугарскиот дневен ред. Една од тие работи е пописот во нашата соседка РС Македонија. Што е тоа толку важно, ќе речете, попис како попис, во Бугарија исто така се спроведува попис. Не е така. Бидејќи, ако на пописот во РС Македонија како Бугари се изјаснат само 1000 луѓе, тоа ќе ни ги скрати сите аргументи во нашиот диалог со власта во Скопје за една деценија од сега. Според бугарските невладини организации, што работат во РС Македонија, не е далеку можноста по крајот на пописот на 30 септември 2021 г. да имаме токму толкав број на луѓе кои се изјасниле како Бугари во нашата југозападна соседка. Според неофицијалните податоци на Фондација Македонија во првите два дена од пописот, како Бугари се изјасниле 72 луѓе.

Седумдесет и двајца! А постојат повеќе од 130 илјади бугарски пасоши, издадени на граѓани на РС Македонија. Истите тие луѓе што поседуваат бугарски пасоши (не можам да ги наречам Бугари) имаат потпишани изјави пред нотар дека имаат бугарска етничка самосвест т.е најверојатно пополниле Декларација со лажна содржина што е во спротивност со членот 313 од Казнениот законик на Бугарија, како и со членот 22 став 1 точка 1 од Законот за бугарско државјанство.

На сите ни е јасно дека пасошките „Бугари“ гледаат на бугарското државјанство единствено како алатка за наоѓање на егзистенција во земјите од ЕУ. Бидејќи бугарскиот пасош ти дава зелено светло за работа и живот во ЕУ. 

Според луѓе што ги следат групите за дебата во Феjзбук кои меѓудругото се претворија во основно бојно поле „за и против Бугарија“ ми раскажувале дека некои од најбучните критичари на Бугарија и тие што најсилно викаат Бугари-Татари поседуваат токму бугарски пасоши. Од тука доаѓа прашањето: Дали ни се потребни такви бугарски државјани? Тие го имаат бугарскиот пасош, но немаат придонес кон бугарскиот народ и нација. Имено поради тие прашања ќе предложам нешто крајно: Да се одземе бугарското државјанство на македонските државјани кои нема да се попишат како Бугари на пописот што се одвива во моментот. После 15 октомври секој може да побара од македонскиот државен Завод за статистика копија од пописниот лист со која да докаже дека се изјаснил како Бугарин во графата за етничка припадност. На таков начин лицето ќе го зачува своето бугарско државјанство и сите предности што му ги дава бугарскиот пасош. Ако не се изјасни како Бугарин започнува судска процедура за одземање на државјанството врз основа на горе наведениот член 22 став1 т.1 од Законот за бугарско државјанство:
„Натурализација врз основ на кој што е добиено бугарско државјанство може да биде укината ако лицето искористило лажни податоци и факти за кои што ќе се докаже по судски пат дека се невистинити.“ Во конкретните случаи имаме невистинити факти. Лица кои пред нотар декларирале дека имаат бугарска етничка самосвест на пописот изјавиле нешто сосема друго од „Бугарин/Бугарка“.

Доволно е да има желба и политичка волја и бугарското Собрание со едно решение може да донесе правна норма. За жал денеска бугарскиот Парламент е арена на борби кои се тотално надвор од бугарскиот национален дискурс.

Од последната реченица следуваат и поглобалните прашања: Какви се политиките на бугарската држава кон нашите браќа од југозапад? Има ли целонасочена државна политика за развој на бугарски медиуми и културни проекти во РС Македонија? На какво ниво е академската размена со РС Македонија? Имаме ПМС 228/1997 на Владата на Република Бугарија, која ја уредува обуката на македонски студенти во Бугарија? Но имаме ли долготрајна концепција за работа со тие студенти во однос на нивната професионална реализација и тоа што бугарската држава може да им понуди по нивното дипломирање? на какво ниво на развој се инфраструктурните, енергетските и бинис-конекциите меѓу Бугарија и РС Македонија? Дали се помага бугарскиот бизнис кој развива дејност во РС Македонија?
Ако не одговориме на сите тие прашања и ако не изградиме долгорочна стратегија за развој на меѓусебните односи со РС Македонија, ќе гледаме како Србија станува лидер на Балканот а во истото време таа е основен геополитички ривал на Бугарија во регионот.

За наша огромна жал, сите тие проблеми и неодговорени прашања се поради концесијата на меѓудржавниот дијалог од страна на наши пишман патриоти и од српските проксита на Балканот.



Слични Објави