ЗА СТАРОСТА, ПОЛИТИКАТА И ЗЛОБАТА…

//

Деновиве една историска личност и две политички персони ја преокупираат македонската читателска публика; полковникот Константин Каварналиев, Тито Петковски и Владимир Милчин.

За Каварналив веќе сите знаеме се. Се изначитавме и изнаслушавме за минатите времиња. Но овие другиве двајца се тука, меѓу нас, но со концепции од (пред)времето на славниот полковник.

За Тито Петковски нема што да се каже. Сите знаат се за него. Пред се за неговата стерилност во политиката, за вечниот “втор” апаратчик во партиската комунистичка хиерархија, за Тито како “титов” ученик во кумровец, за безличниот човек кој најмогу се прослави со инфантилниот потег со “бугарските летоци” за време на првите парламентарни избори во повеќепартиската Македонија. Неговите политички конвертитства беа со потсмев и презир примени во неговата СКМ ПДП, за потоа да го прогласат за некаков злосторник во устоличувањето на Груевски за премиер. Кога бурата стивна, сите видоа дека се работи за едно обично “ништо”, нула во политичкиот, етничкиот и ако толку милувате, и во националниот живот на Македонија. Му бараат да оди во пензија… абе тој е одамна пензиониран и заборавен, само што тој тоа уште не го знае.

Ама Милчин, е тоа е друга приказна. Милчин да чита Википедија и да коментира. Тоа е вест на годината. Човекот кој прочитал цела една “мала Конгресна библиотека” чита Википедија и говори за ролјата на Каварналиев и учеството на Заев во чествувањето на паметникот на херојот. Внукот на комитите Владимир Милчин и Бојан Милчин кои тргнале да се борат за Македонија, со пушки и опрема од Софија и со благословот на ВМРО. И не се само тие. Тука е и дедовиот брат, ванчомихајловистот и херојот Григор Милчин, атантаторот на србскиот/југословенскиот шеф на Државната безбедност на Кралството Југославија, семоќниот и насилниот Жика (Живојин) Лазиќ. Цела кралска Југославија се дигнала да го бара, белградска “Политика” со денови го држела на насловната страна, а тој мирно си се шетал низ Софија. Конечно, партизаните во 1944 година ни ја “донесоа слободата” а веќе престарениот Глигор Милчин умираше пред мои очи во куќата на мојот другар и неговиот роднина, умираше со подуени нозе од насилијата во затворот “Идризово” и во Централниот затвор во Скопје, вршени врз него од “ослободителите” а најмногу од Панда Чесноска, прилепчанка и партизанка, подоцна убиена под обвинение дека е англиски шпион…подоцна разбравме дека се работело за љубовна афера која требало да биде покриена.

Владе знае, ама во својот антибугаризам се прави на удрен. Заев е на чествувањето на споменикот затоа што историјата на Кукуш и пошироката околина е дел од историјата на неговата Струмица и Петрич. Каварналиев не се бори безцелно на Дојран. Тој со 3.000 војници и офицери, против 40.000 грчка армија ја чува отстапницата за населението од Кукушко, за да можат да се повлечат пред уништувачката грчка сила. Се повлекуваат во огромна колона од жени, деца, старци, сосе својот скромен имот, натоварени на запрежни коли и пешки, водејќи ја со себе и живата стока и намирниците, како единствен услов да преживеат во “новата” земја. Тоа се прочуените “бежанци” кои до денешен ден се мнозинството од населението на Струмица и Петрич. Сите се познаваат меѓу себе, си ги знаат роднинските врски и се почитуваат. Од нив изникнаа и вмровските организации по 1920 година, со затвори и крв задушени од српската полиција, од нивните редови е и познатата “струмичка петорка”, од нивните редови се појави и ВМРО ДПМНЕ. Ете, за нив и за нивниот живот и слобода се бореше Каварналиев, за воскресот на новата слободна Македонија.

За жал, малкумина од “бежанците” беа на чествувањето на возобновениот споменик. Затоа пак “муртинецот” Заев, достојно се оддолжи на оние кои кои паднале за градот каде што тој беше “кмет”, паднати за тој град да добие нов живот.

Изгледа дегутантно и мизерно, еден Милчин да ја повторува мантрата за “квислиншата Бугарија, нацистичкиот сојузник” и слични простачки изјави. Па веќе е време да научи да не се меша во туѓи работи. За тоа е задолжен Тито Петковски и тука за Милчин нема место…сите столици за “бугари татари, фашисти и квислинзи” веќе се зафатени…зафатени се уште од “Вториот Илинден”, на тие мантри се правеше кариера. Ама, тоа само за неталентираните…тој не припаѓа кон нив.



Се плашам дека Тито и Владе сакаат да ни кажат дека “сите сме деца на Илинден”, арно ама, едните се “деца” а другите копилиња…

Во моментов, историјата го кажува својот завршен збор и за малку време ќе ни се расчистат родовите и “родоскрвните” врски…само уште малку.

Се плашам од староста, од последиците кои неминовно ги носи. Не, не е Алцхајмерот главен проблем. Тоа е проблем на цивилизираните друштва. Кај нас проблемот е во завидливоста, злобата и неостварените амбиции. Нашиот проблем е непризнателноста кон нашите претци, кон презирот на сегашноста и тоталната незаинтересираност за иднината.

Ете, затоа Тито и Владе ни пишуваат…Господе боже, која историја…

Автор: Владимир Перев



Претходна статија

КРИСТАЛИНА ГЕОРГИЕВА ЌЕ БИДЕ КАНДИДАТ НА ЕУ ЗА ПРВ ЧОВЕК НА ММФ

Следна статија

ГЕРОСКИ: СЛОБОДНО КАЖУВАЈТЕ СИ МАКЕДОНИЈА ТОА НЕ Е ЗАБРАНЕТО ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

Најново од Истакнато