ЗА ЗНАМЕТО СЕ РАБОТИ
Вчера прославивме 500 години постоење на наше Куманово. Градот, основан пред 500 години денес е наш дом, кој никому и за ништо не го даваме. Тоа е наша светина. Тоа е наше Куманово.
Ден за паметење, одбележан со концерти на Џенан Лончаревиќ и на мега-ѕвездата од нашите поранешни заеднички простори, Лепа Брена. Илјадници луѓе, собрани на плоштадот на глас ги пееја нивните хитови и се радуваа на слободата за која илјадници имаат гинато низ вековите. Цената на ова наша слобода е платена со крв и тоа никогаш не смееме да го заборавиме.
На хитот на Брена-Југословенка на видео-бимот зад пејачката се појави југословенската тробојка. Знаме кое веднаш кај сограѓаните ја пробуди ЈУ-носталгијата за заедничката држава каде сите бевме браќа и сестри, рамноправни во правата, но и обврските. Сите го пееја хитот од 80-тите и се враќаа во времето кога работничката класа, навидум, беше на власт и управуваше. Убаво беше да се види народот среќен. Нашиот народ го заслужува тоа.
Но, муабетот ми беше друг. Тробојката-сино, бело и црвено со петокрака во центарот ни беше службено знаме на државата до 1992 година и тоа никој не може да го оспори. Нема сила која ќе им каже на граѓаните дека треба да се одречат и никогаш веќе никаде да не ја истакнат. Дел од историјата-непобитно. Никој не може да ни каже дека не сме биле дел од заедничката држава Југославија и дека наш симбол не било ова знаме.
Е сега што правиме со знамето на независна Република Македонија во периодот од 1992 до 1995 година-Црвена позадина со жолто-златно Сонце од Вергина? Дали е тоа само симбол на националистички претензии кон јужните ни соседи или сепак е дел од нашата историја?
Член 2 од Законот за знамето на Република Македонија (Сл. Весник на РМ бр. 50/92 од 12.08.1992) Знамето на Република Македонија е црвено со златножолто сонце. Сонцето е со осум основни и осум споредни сончеви зраци, благо здебелени во првата половина, наизменично и симетрично наредени околу сончевиот диск. Ова знаме го има заменето знамето на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година. Тоа гордо ни се вееше низ целата држава се до донесувањето на Законот за знамето од 1995 кога според член 2 Знамето на Република Македонија е црвено со златно- жолто сонце. Сонцето е со осум сончеви знаци кои се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето.
Значи знамето е дел од нашата историја-непобитен факт. И сега без оглед дали потекнувам од Словените, дали од Античките Македонци или само сум Марсовец на ова парче земја, јас како Македонец имам целосно право да го веам Знамето на Македонија. Тоа право не може ниту една Влада и ниту еден политичар, а не камо ли меѓународен договор што е под знак прашање сам за себе, да ми го ограничи или одземе.
Не се откажуваме од историјата и од доказите дека сме посебни и самостојни. Дека сме постоеле на ова парче земја и дека како пиреј не се корнат нашите корени. Има нешто тврдоглаво во нас што се спротивставува на сите сили кои сакаат да не поништат како народ. Окупаторите доаѓале и заминувале, но македонскиот народ останувал затоа што е свој на своето.
Македонија на Македонците!!!
Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово

