ЗАЕВ ДОБИ УШТЕ ЕДНА НАГРАДА-ОВОЈ ПАТ ХЕСЕНСКА НАГРАДА ЗА МИР ЗАЕДНО СО ЦИПРАС
Претседателот на Покраинскиот парламент на Хесен – СР Германија – Борис Рајн вчера на специјална церемонија им ја додели Хесенската наградата за мир за 2020 на премиерот Зоран Заев и на поранешниот премиер на Алексис Ципрас.
Заради пандемијата со КОВИД-19, наградата за мир од Хесен на Фондацијата Алберт Освалд, оваа година се додели за прв пат во дигитална форма.
„Премиерот Зоран Заев својот дел од наградата во висина од 25.000 евра го донира во Солидарниот фонд (Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19). Меѓу лауреати на оваа многу значајна награда е и Далај Лама“, известуваат од Влада.
„Со Хесенската награда за мир, ние им оддаваме чест на две лица кои водеа кампања за мир и меѓународно разбирање и кои успеаја да решат конфликт што влече корени длабоко во историјата“, рече претседателот на Покраинскиот парламент, Борис Рајн.
„Како тогашен грчки премиер и премиер на Македонија, двајцата постигнаа договор во повеќедеценискиот конфликт меѓу нивните земји Грција и Македонија околу името „Македонија“. Постигнаа вистински дипломатски подвиг што никој досега не го сторил. Без нив, спорот за името што трае од осамостојувањето на Македонија во 1991 година ќе продолжеше да тлее и спорот меѓу двете соседни земји ќе продолжеше да го дестабилизира целиот балкански регион. Скоро триесетгодишниот спор за името меѓу Република Македонија и Грција беше мирно решен на 12 февруари 2019 година со договор. Пронајден е компромис, во иднина името на новосоздадената држава во 1991 година да биде „Република Северна Македонија“. За прв пат започна период на добрососедски односи и се отвори патот за Северна Македонија како сојузник во НАТО и партнер во Европската Унија. И овој успех има влијание далеку надвор од регионот. Мировниот договор испраќа сигнал до светот. Не постои само правото на најсилниот. Дури и во денешниот свет сè уште постои патот на почит и компромис, патот на мирот и стабилноста. И со тоа, победниците не направија ништо помалку од тоа да го продолжат европскиот пат на одличен начин без да мора да се откажат од националниот идентитет“, потенцираше Рајн.
„Зоран Заев и Алексис Ципрас отстапија од моделот на инсистирање на максимални позиции и исклучување на договор како пораз или предавство. Притоа, тие ја загрозија нивната политичка кариера и мораа да преговараат за бројни компромиси и отстапки во рамките на нивните парламенти. Договорот е поврзан со надеж за добра соработка и партнерство меѓу Северна Македонија и Грција. Решавањето на споровите е пример за помирување на регионот и Европа како целина“, рече членот на одборот, професор др. Никол Дајтелхоф.