ЗАЕВ И ФИЛИПЧЕ НА НАЦИОНАЛНИОТ ФОРУМ ЗА ЗДРАВСТВО: КВАЛИТЕТОТ НА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА НА ГРАЃАНИТЕ, НИ Е ПРИОРИТЕТ
Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, д-р Венко Филипче, денеска, учествуваа и се обратија на Националниот форум за здравство „За поздрав живот: патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија“, кој во Скопје беше организиран од Светската здравствена организација (СЗО).
„Создавајќи сигурен и цврст здравствен систем, систем којшто за сите ќе нуди беспрекорни услуги, Република Северна Македонија истовремено исполнува една од 17-те цели за одржлив развој, од Агендата за одржлив развој, 2030-та година на Организацијата на Обединетите Нации. Постигнување на целите кои се содржани во целта за одржлив развој под број 3, којашто вели „Обезбеди здрав живот и промовирај благосостојба за сите граѓани, на сите возрасти“, може да се направи исклучиво преку унапредување на превентивната здравствена заштита“, подвлече премиерот Заев говорејќи за темата на денешниот Форум.
Премиерот Заев посебно истакна дека фокусот на Владата е да обезбеди и гарантира што поквалитетна примарна здравствена заштита за сите граѓани, како еден од носечките столбови на целиот здравствен систем, посебно осврнувајќи се и на важноста на вклучувањето на сите останати фактори како социјалните, економските и еколошките влијанија вклучително и планираните кампањи за физичкото здравје остварувани преку образовниот процес.
„Годинава во буџетот за здравствена заштита се издвоени средства во износ од 30 милијарди денари, што во споредба со 2018 година, е за околу две милијарди денари повеќе“, рече премиерот Заев, додавајќи дека во таа насока за постигнување на социјална и здравствена еднаквост, се преземаат координирани политики на неколку нивоа и во неколку сегменти, вклучувајќи измени на одредени закони и прописи, промена на средината, како и информативни и едукативни кампањи.
За измените на законските регулативи како еден сегмент во настојувањата за подобрување на целокупниот здравствен систем и превенцијата и грижата за мајките и децата, старите и ранливите групи на населението, како дел од примарната здравствена заштита, говореше министерот за здравство Филипче, кој пред аудиториумот на Форумот ги изнесе и анализите од секундарната и терцијалната здравствена заштита како дел од севкупниот систем.
„Со добар систем, за релативно кус период успеавме да ја намалиме новороденечката смртност. Условите на Клиниката за гинекологија и акушерство, ги доведовме на ниво, каде новороденечката смртност е намалена за 8 процентни поени или од 25 на 18 отсто. Ги подобруваме условите секаде каде има деца на лекување, купуваме нова опрема, образуваме и вработуваме соодветен стручен кадар.
Одобрена е набавка за осум мамографи во вредност од 85 милиони денари. Мамографите ќе се дистрибуираат во цела Северна Македонија, каде што е најкритично и во руралните средини. До граѓаните ги доближуваме програмите за скрининг и превенција од рак на дојка и цервикален карцином“, информираше министерот Филипче, кој подвлече, дека со поддршка на СЗО во нашата држава се спроведуваат низа проценки на системот за спроведување на здравствените услуги со посебен фокус на примарната здравствена заштита.
„Целта беше да се добијат докази на кои ќе се заснова нашата нова визија и нашите планови. Нов модел кој ќе одговори на предизвиците и ќе се заснова на зајакнување на примарната здравствена заштита како основ за обезбедување подобро здравје и здравствен систем воопшто. Но, исто така и да го намалиме оптоварувањето во болничкиот сектор и да најдеме решение за предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници“, оцени министерот Филипче.
На Форумот, на кој беа презентирани резултати од истражувања, модели како и услови за нивна интеграција и имплементација за примарната здравствена заштита во Република Северна Македонија, воведно обраќање имаше и Ханс Клуге, директор на одделот за здравствени системи и јавно здравје во рамки на Светската здравствена организација (СЗО).