ЗАЕВ И МИЦКОСКИ СЕ ЗДРУЖИЈА СО ВУЧИЌ

//

Пишува: Насер Селмани, главен уредник на Zoom.mk

Договорот за одложување на пописот во септември најмалку има врска со пописот и желбата да се справиме со пандемијата. Власта на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, со ДУИ како патерица, 20 години покажаа дека не се кадарни попис да спроведат, а само поради нивната неспособност, една година не можат вакцини да набават!  Да имаа тронка грижа за граѓаните, немаше да дозволат како гревчиња да ги пуштат да одат во Србија на вакцинација.

Сигурен сум дека договорот е ризичен за земјата и граѓаните затоа што е производ на тројца политички очајници, кои сакајќи да ја избегнат неизбежната политичка судбина, подготвени се да ја стават на коцка иднината на граѓаните. Заев знае дека е отпишан, Мицко никако да го попишат, а Ахмети е свесен дека има резервиран билет во еден правец за Хаг!

Прво, тројцата се согласни на голема врата да ја вратат заробената држава, која никогаш не ни престана да постои, и да ги прекинат европските интерации на земјата, кои и така се на вештачко дишење затоа што владата на Заев речиси ништо не исполни од ургентните реформски приоритети на Прибе. Договорот значи амнестија на Мијалков, Камчев и нивните најверни слуги, како и блокирање на реформите во судство и борбата против корупцијата и организираниот криминал. После овој договор само криминалната дружина ќе зајакне, не државата, ниту граѓаните.

Второ, двоецот Заев и Мицковски, а Ахмети како резервна гума, решиле да ја спукат со Бугарија и така да ја одалечат земјата од ЕУ. Сами потпишаа договор, во кој признале дека имаат заедничка историја со Бугарија и сега глумат лудило. На нив не им е битна историјата, туку да ги заддржат украдените пари и да создадат шема за уште поголем грабеж во иднина, а од друга страна ќе продават демагогија не го даваме Гоце! Нивната идеја е никогаш да не почнеме преговори со ЕУ затоа што само така ќе продолжи општиот грабеж!



Трето, Заев и Мицко, со овој договор, отворено се здружуваат со поголемиот брат, Александар Вучиќ, кој е експонент на руската и кинеската политика во Балканот. Во минатото спрската политика, секогаш играла на картата на дестабилизација на Македонија, кога ќе им згусти со Косово или во односите со Запад. Во 1999 година, кога паѓаа бомби врз Србија, во Скопје, не во Белград, гореше американската амбасада. Заев и Мицко ќе пробат нешто слично ако им успее.

Четврто, Заев и Мицко, како и Вучиќ, ги вознемири убедливата победа на Албин Курти во Косово. Курти спектактуларно му ја сруши идејата на Вучиќ за размена на територии и го стави пред свршен чин, или да го признае Косово, или да ги раскине односите со Брисел и Вашингтон. Трето нема. Но, победата на Курти ја вознемири и заробената држава во Северна Македонија, претставена од Заев И Мицковски. Тие знаат дека ќе биде невозможно да му го бранат грбот на Ахмети пред налетот на Курти, кој со сигурност на еден или друг начин ќе има влијание во политичкото организирање на Албанците овде. Е заробената држава знае дека Курти е незгоден, не можат да му вади лична карти како Артемије Куртовиќ, ниту да го подмитат со тендери.

И петто, политичкиот македонски двоец покажува смелост да ја предизвикат американската и германската политика во Балканот, не заради интересите на земјата, туку само заради нивните, коруптивни, криминални интереси! Демек се навредени како напуштена девојка, не им дале вакцини, а башка им го вратиле несудениот шеф на воената мисија во Брисел, и плус црвен картон за Фрчко од Вашингтон! Респект за храброста, но претерана храброст е најголема глупост! Цехот ќе го платат, како и да е! И ние нашиот, секако, поради нашата неукост!

Претходна статија

ДОКУМЕНТ НА CIA ОД 1950 ГОДИНА: МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ Е ПОДГОТВЕНО ДА ОБЈАВИ ПРИПОЈУВАЊЕ КОН БУГАРИЈА

Следна статија

ЕКСПЕРТИТЕ ОБЈАСНУВААТ ЗОШТО НЕКОИ ДОБИВААТ ТРОМБ ПО ВАКЦИНАТА НА „АСТРА ЗЕНЕКА“

Најново од Истакнато