Заев ќе побара во вторник да биде свикан Централниот и Извршниот одбор на СДСМ за да се констатира неговата оставка

/

Лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев ќе побара од органите на партијата во вторник да биде свикан Централниот и Извршниот одбор за да се констатира неговата оставка и да почне постапката за избор на нов лидер. Идниот лидер, според Заев, би требало да биде и идниот мандатар кој ќе ја состави новата влада.

– Органите и телата на партијата ќе го кажат тоа. СДСМ нема донесено одлука. Мојот личен став од досегашното искуство и минатото во нашата држава кога еден човек бил премиер, а друг претседател на владејачка партија, е дека лидерот на партијата треба да биде и мандатар затоа што во тој случај и одговорноста и легитимитетот е комплетен, рече Заев.

Нагласи дека останува на неговата јавна објава за оставка и од функцијата претседател на Владата и лидер на партија и дека ќе ги депонира оставките до надлежните институции веднаш штом биде осигурно парламентарното мнозинство.

– Ако се гледа како се поставките по Устав, до 14 декември не се стига за изборот на нова влада и нов мандатар. Логично е СДСМ да го искористи овој период и да го избере својот претседател. Затоа ќе побарам од органите и телата на партијата да биде свикан Централниот и Извршниот одбор за да се констатира мојата оставка и веднаш да почне постапката за избор на нов претседател на партијата. Зборот е збор и ќе се радувам да дочекам ваква големина и даден збор од други политичари. Ако се успее во целиот овој период, а верувам дека може, СДСМ да има избрано претседател тој би требало да биде идниот мандатар односно да предложи нова Влада. Кога имате нов мандатар, треба да имате и нова влада, а не реконструкција на влада, нагласи Заев.

Во однос на информациите објавени во дел од медиумите дека Димитар Ковачевски ќе биде новиот лидер на СДСМ и новиот мандатар, Заев рече дека претстои процес на избор од страна на членството на СДСМ и оти партијата преку непосредни избори ќе одлучи кој ќе биде идниот лидер.



За денешното присуство на Ковачевски на состанокот со Алтернатива, Заев рече дека тој е член на Извршниот одбор на СДСМ и претседател на партиската Комисија за финансирање и буџет, како и докажан кадар кој комплетно е подготвен да помогне во денешните разговори.

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши прашан колку за неговата партија е прифатливо да има нов мандатар и комплетно нова влада, рече дека не сака да се меша во внатрешните работи на партијата и оти очекува идниот наследник на Заев да го продолжи континуитетот на разговорите.

Извор: Zoom. mk

Претходна статија

Во општина Бутел 60 лица останаа без работа

Следна статија

(Видео)Радев: Нема компромис со РС Македонија додека не добиеме јасни гаранции од Скопје за решение на отворените прашања

Најново од Вести