ЗАЕВ НА ОТВОРАЊЕ НА НОВА БЕНЗИНСКА СТАНИЦА НА „ЛУК ОИЛ МАКЕДОНИЈА“: ОВА Е ОД ИЗВОНРЕДНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ЗАДОВОЛУВАЊЕ НА ПОТРЕБИТЕ НА ЖИТЕЛИТЕ НА ГАЗИ БАБА И АРАЧИНОВО

Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев се обрати на свеченото отворање на бензинската станица на „Лук Оил Македонија“ на регионалниот пат Скопје – Куманово.

„Првата бензинска станица, ја имав честа да ја отворам далечната 2008 година, пред 11 години, како градоначалник на Струмица еве, денеска ја имам честа како претседател на Владата на Република Северна Македонија, да ја отворам 31вата бензинска станица на „Лук Оил“ во Македонија.
Но дозволете на самиот почеток да им се заблагодарам и честитам, на успешното обраќање на одличен македонски јазик и на амбасадорот Баздникин и на регионалниот управител на „Лук Оил“, Куку. Тоа за нас многу значи, тоа е израз на големо почитување и пријателство помеѓу нас и нашите земји, истакна премиерот Заев.
Имам посебно чест, заедно со сите вас, денеска да го изразиме нашето задоволство од свеченото пуштање во употреба на бензинската станица на „Лук Оил“. Ова е 31 бензинска станица во мрежата на објекти на оваа компанија во Република Северна Македонија.

Новата бензинска станица на „Лук Оил“ е од извонредно значење за овој регион и ќе ги задоволи потребите на жителите на општините Гази Баба и Арачиново, како и на сите патници и деловни луѓе кои фреквентно го користат регионалниот пат Скопје – Куманово.
Секако од значење е и отворањето на новите работни места како придобивка за жителите на локалните заедници во двете општини.
Граѓаните на Република Северна Македонија веќе се навикнаа на добрите услуги во објектите на оваа компанија, во кои освен базичната понуда на нафтени деривати, се понудени и сите останати сервиси што ги нудат современите објекти од овој тип, доаде премиерот Заев.

Од особена важност е да се спомене дека бензинската станица ги исполнува сите неопходни стандарди за заштита на животната средина. Вградена е опрема со највисоки еколошки карактеристики кои овозможуваат рекуперација на пареите од бензините, спречување на излевање на гас и систем за противпожарна заштита на највисоко ниво.

Ова е убава прилика со неколку зборови да потсетиме на нашата одлична соработка со компаниите кои доаѓаат од Руската Федерација, како и нашата принципиелна соработка со Руската Федерација.
Руската Федерација е значаен трговски партнер на РСМ со кој остваруваме интензивна трговска соработка која постојано бележи константна вредност.

Уверени сме дека поттикнувањето на веќе констатираната потреба од иницирање на постапка за склучување на Договор за слободна трговија со Руската Федерација, ќе биде од интерес на двете земји.
Руската Федерација е огромен пазар и потрошувач за комплементарните потенцијали со коишто располага македонската економија, во делот хемиската индустрија, во производството на лекови и препарати, и особено во делот од производство и преработка на земјоделско-прехранбени производи, вклучувајќи го и интересот на рускиот пазар за вината од нашата земја.

Република Северна Македонија е заинтересирана за унапредување на економската соработка, трговската размена и за привлекување на директни руски инвестиции.
За таа цел ќе ги интензивираме комуникациите за да ги презентираме можностите за инвестирање во нашата земја за да се среќаваме во нови прилики кога ќе ги промовираме проектите од заеднички интерес.
Оваа 31ва бензинска станица е одличен пример на унапредување и растење на соработката помеѓу нашите две земји. Се надевам дека ќе биде и доволна мотивација и за други инвеститори од руската федерација, кои се топло добредојдени во нашата земја.
На вработените им посакувам успешна работа и одржување на стандардите на квалитет по кои оваа компанија е препознаена во нашата земја“, изјави премиерот Заев.