| |

ЗАЕВ ПРЕД ЕВРОПСКИТЕ АМБАСАДОРИ: ЕУ НЕМА АЛТЕРНАТИВА, НО НЕ ОТСТАПУВАМЕ ОД НАШИТЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИ

Премиерот Зоран Заев ги повтори македонските црвени линии во спорот со Бугарија пред шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја. За време на редовниот годишен состанок кој се одржа вчера Заев ги информираше амбасадорите за актуелните и најважни активности во процесот за интеграција на земјата во Европската Унија.

Претседателот на Владата на Македонија, пред амбасадорите на земјите членки на ЕУ, предводени од шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје Дејвид Гир, детално го образложи континуитетот на тековните реформски процеси, особено во делот на правосудството, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ покажаа посебен интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија поради кои не се постигна консензус за преговарачката рамка за Македонија во Брисел, за што на состанокот беше истакнато неподелено мислење дека процесот треба колку што е можно побргу да продолжи, да заврши со старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

Премиерот Заев на состанокот истакна дека, имајќи предвид дека членството на Македонија во ЕУ нема алтернатива за нас е важно, да го продолжиме дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на договорот за пријателство преку поинтензивна меѓу-секторска соработка.

„Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за нив не преговараме”, додаде премиерот Заев.

Слични Објави