„ЗАР НЕ ПАЃА ДОЖД ОД БОГА НА СИТЕ ПОДЕДНАКВО?“
„Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака?“
Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калуѓерското име Кирил, во 9 век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот, грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи.
Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
Тие се родени во Солун во IX век, и станале мисионери на христијанството меѓу Словените од Голема Моравија и Панонија. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, татко Лав и мајка Марија. Преку нивната работа, тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, поради што ја добиле титулата Апостоли на Словените. Тие се заслужни за создавањето на глаголицата, првата словенска азбука и за описменувањето на целиот словенски род затоа што ни го дале најмоќното оружје – писменоста.
Како голем ерудит, со талент за јазици и дипломатска вештина, од византискиот двор и Цариградската партијаршија бил испратен во три историски мисии. Во првата, Арапската кај Сарацените (во денешен Ирак), имал само 24 години. Во втората – кај Хазарите (денешна Русија) и во третата – кај Словените во Панонија и Моравија (денешна Чешка) учествувал заедно со својот најстар брат Методиј.Првите две мисии имале државно-верски карактер, а третата мисија била просветителска. Таму биле испратени од византискиот император Михаил Трети на барање на моравскиот кнез Ростислав. Со неа солунските браќа ги поставиле темелите на словенската култура и просвета.
Користејќи го говорот на македонските Словени од околината на неговиот роден Солун, кој го знаел од детството, Константин ја составил првата словенска азбука – глаголица со 38 букви. Со префинет осет за секој глас да создаде знак, употребил букви од грчкиот алфавит, знаци од други јазици, а и самиот измислил нови. Говорот на македонските Словени го издигнал на ниво на прв книжевен јазик. Со Методиј и нивните вредни ученици со новото писмо превеле црковни книги од грчки на старословенски јазик и во 863 година подготвени тргнале во нов поход, на мисија во Моравија, каде што останале 40 месеци.
Нивната макотрпна работа резултирала со преполни цркви и луѓе кои првпат слушнале богослужба на разбирлив јазик за нив. Силниот отпор на латинско-германското свештенство, разгневено поради масовниот одлив на верниците, ги одвело солунските браќа до папскиот двор. Но, таму биле примени со највисоки црковни почести – затоа што биле мисионери на моќната Византија, но и зашто со себе носеле нешто вредно.
За време на Хазарската мисија, Константин во Херсон имал археолошки подвиг. Седум и пол века по маченичката смрт на Крим, ги открил моштите на Климент Први, четвртиот папа и соработник на апостол Петар, кој поради ширењето на христијанството бил прогонет од царот Трајан и удавен во 101 година. Пронајдените мошти Константин му ги предал на папата Адријан Втори во Рим. Тој ги пречекал творците на словенската писменост со церемонија која траела три дена, како што посочил биографот на Кирил во неговото житие во „Панонските легенди“.
Битката за писменоста на Словените не престанала. Неа уште 16 години ја водел братот Методиј, до својата смрт во 885 година. Моравската мисија завршила со прогонство на нивните ученици. Некои од нив исчезнале, некои биле продадени како робови, но тројца истакнати – Климент, Наум и Ангелариј, го продолжиле просветителското дело на југ.
За животот и делото на Кирил и Методиј има огромна библиографија, напишани се над 10.000 студии, прилози и статии. Има голем број фрески и икони инспирирани од нив, а многу цркви и образовни институции го носат нивното име.
Со своето дело си изградија светлозрачен споменик кои милениуми и милениуми гордо ќе стои исправен за да ги потсетува генерациите за големината и значењето на нивното дело. Денес го одбележуваме големиот празник 24 мај, славејќи ја историската и епохална мисија на солунските браќа, Свети Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост и литература и заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
Во време кога се врши негирање на македонскиот национален идентитет, нека делото на светите браќа биде потсетник за тоа колку нашата писменост е од посебна важност за нашето општество.
Во време на големи предизвици, да го чуваме и негуваме македонскиот јазик, бидејќи со тоа ја вреднуваме нашата култура и традиција, нашата историја, го воздигнуваме нашето име и идентитет.
Наша обврска е да создаваме трајни вредности, да го чуваме идентитетот, културата и јазикот за да им се оддолжиме за тоа што тие го направија за нас.
Автор: м-р Десанка Николова

