НАШЕТО „ДА“ МОЖЕ ДА СПАСИ ЧОВЕЧКИ ЖИВОТ

Вчера во Македонија се испиша историја, без да биде испукан ниеден куршум или да биде активирана ниедна бомба. Се испиша историја со едно ДА.

Ми се насолзија очите кога прочитав за првата трансплантација на срце од донор, извршена од наши македонски доктори, во наша македонска болница. За мене лично тоа е веста на 2020 г. бидејќи победа врз коронавирусот до крајот на годината не очекувам дека ќе прогласиме.

Би сакал со овие редови да им се заблагодарам на најблиските на Емилија, на нејзиниот сопруг Миле и на нејзините деца Влатко и Викторија. Тие го кажаа она ДА, што дозволи еден човек да продолжи да живее, а други двајца да имаат далеку поквалитетен живот и да не бидат зависни од хемодијализата.

Многу често сме потфрлувале како општество. Сме дозволувале да бидеме изманипулирани, кога од страв, кога од неукост, сме си дозволувале дури да кренеме рака еден на друг, заради личните интереси на оние што поради некаков несреќен тек на околностите успеале да се најдат во позиција, што ќе им дозволи, да ни одржат некакво театро за ние „доле“ да си ги извадиме очите, додека тие „горе“ си ги полнат банкарските сметки заради нашата несозреаност.

Шансата за Иван, пациентот во чии гради ќе чука срцето на Емилија е шанса и за сите нас, да погледнеме малку појасно и посериозно на работите.

Колку подобар пример за тоа дека со заеднички сили може да се премине и најтешката препрека, можеме да најдеме од овој што ни се случи вчера. Тројца врвни доктори од три здравствени институции и целиот останат тим ги здружија своите сили за животот. И победија…

Драги мои, сите ние можеме да бидеме победници. Не мора тие наши победи да бидат верификувани со медали или плакети. Можеме да бидеме победници со едно ДА, како одговор на прашањето: „Дали се согласувате органите на вашиот/вашата сакан/а или вашите органи да бидат донирани за трансплантација“ ?

Вчера доброто го победи злото, преку големината на семејството на Емилија и преку вештите и златни раце на докторите животот ја победи смртта.

Сите ние можеме да ја победиме дури и нашата смрт, ако ги донираме нашите органи и помогнеме за спасувањето на човечки живот.

Празнината кога ќе те напушти близок човек, не може да се пополни со ништо. Болката е во тебе, со тек на времето само се навикнуваш со неа. Зарем не би било прекрасно да знаеш дека со твоето ДА си спречил нечија друга болка од таа проклета празнина што ја остава човекот што си заминал?

Денеска ние христијаните го славиме денот на светите браќа просветители Кирил и Методиј, а нашите пријатели муслимани го слават својот голем празник Фитр Бајрам. Вчера сите заедно го прославивме доброто.

За да имаме уште такви победи, ни треба едно ДА. Наша најголема обврска е добрината на Миле, Влатко и Викторија да не остане единичен случај. Ние треба да се избориме за правото со нашето ДА и во иднина да се спасуваат човечки животи. За да продолжи да чука срцето на доброто во сите нас.

PS: Миле, Влатко и Викторија ви благодарам за солзите радосници со коишто ми започна вчерашниот ден.

Автор: Атанас Величков