ЗАРОБЕНИ ВО САЈБЕР СВЕТОТ

Животот ни беше убав и едноставен, улиците преполни со деца и “игри без граници”, во времето на фиксниот телефон и малкуте информации за надворешниот свет.Се додека, еден сончев ден, не се појавија компјутерите, мобилните телефони а заедно со нив и социјалните мрежи. Првобитната употреба на мобилните телефони да служат како поевтино и попрактично комуникативно средство, одамна ја изгуби својата функција.

Поспаност, недружељубивост,нељубезност и опседнатост се едни од многуте негативни особини на “модерното-сајбер време”кои се јавуваат кај луѓето со преголемата употреба на мобилните телефони..Со појавата на интернетот, се појавија и пософистицирани телефони или нам познати како смартфони или андроиди преку кои, корисниците добија можност на еден побрз и поефикасен начин да се самоедуцираат и комуницираат со луѓето ширум светот.

Станавме робови на модерното време, на телефоните и социјалните мрежи. Пасивни, завидливи, мрзеливи и антисоцијални сосем спротивно од она што го нудеше фејсбук апликацијата.Фејсбукот има дуален карактер, од една страна чини добро од друга страна чини лошо. А кој е крив за тоа, луѓето или Марк Зукенберг,кому му текна оваа генијална бизнис идеја и која навистина добро се прифати и прошири низ светот.А како сето тоа се проследи низ светов, гледаме и сами.

Опседнати, со телефонот во рака насекаде. Селфи, за кого?За лајк?Која е потребата да се сликаме и да споделуваме слики на социјалните мрежи? Ладни, тажни и осамени постанавме.Нема дружба, нема социјален живот.Телефонот ни е се, без него ни во тоалет не одиме. Како дојдовме до ова дереџе?

Ако немаш фејсбук или инстаграм, си деградиран и исмеван од модерната популација-инфлуенсери и ред други вселенски изрази во модерното општество. Фејсбукот се користи  за се, како еден јавен меил, од ширење на религија па се до криминал.

Навлезени во светот на игрите, забораваме на реалниот свет. Забораваме на сето тоа што е навистина важно, забораваме како да живееме и како да разговараме едни со други. Седиме ко туѓинци на слави и чепкаме во телефоните, место тоа, да започнеме конверзација со луѓето што седат до нас или спроти нас на масата.

 Во диско со телефон во рака, нема танцување, нема ни флертување а потоа следи прашањето зошто сме сами и не можеме да си најдеме партнер/партнерка?  

Наголемата иронија е што ние сме свесни за сето тоа што ни се случува и продолжуваме со исто темпо. Опуштено споделуваме се и сешто, а не сме безбедни воопшто. Си правиме бајрам на умот, велејќи: “кој би не читал нас, обични луѓе и граѓани”. Заробени во канџите на сајбер времето, седнати во својата комфорна зона пред компјутерот или телефонот раскажуваме приказни, разни ставови и се бориме за подобро утре. Каква е таа борба?Каков е овој живот?

-Осамен живот.

Автор: К.П.