|

Засега нема враќање на летот Скопје – Барселона, Бочварски смета дека треба и втор повик за субвенционирање летови

Засега нема најава за враќање на авиолинијата Скопје – Барселона, која беше една од најатрактивните пред корона-пандемијата. „Визер“ не предложила да лета од овие две точки во предлогот доставен за субвенционирање. За министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ова не значи дека која било авиокомпанија не може да ја воведе, без да бара субвенции. Најави дека е можно да има уште еден повик за нови авиолинии кон крајот на годината.

„Секоја авиокомпании може да понуди дестинации за кои смета дека ќе има финансиска оправданост, за таа дестинација да побара финансиска поддршка од државата. До нас стигнаа овие пет дестинации, одговоривме позитивно на сите барања. Ако која било компанија, не само овие две, имаат идеја и сметаат дека треба да оперираат од нашите два аеродрома на која било дестинација – тоа може да го направат и без субвенции. Останува правото на Министерството за транспорт и врски, доколку сметаме дека е потребно, а јас сметам дека е потребно, да објавиме и нов повик кон крајот на годината, со цел да привлечеме и дополнителни дестинации и авиокомпании. Имаме и сезонски летови за кои не следуваат субвенции. Тие летови очекувам да почнат и оваа летна сезона“, рече Бочварски.

Тој направи и споредба колку патници користеле авионски превоз од 2006 година до 2022 година.

„Од 2006 година кога имало 597.000 патници од нашите аеродроми, во 2019 година стигнавме до највисоката бројка од 2.685.000 патници, кои беа превезени. Ковид-пандемијата ја спушти бројката во 2020 на 782.000 патници, па во 2021 година патувале речиси 1,4 милион, а 2022 година – 2,3 милиона. Оваа година сакаме да се зголеми бројот на патници што ќе ги користат условите на нашите аеродроми и на авиокомпаниите“, додаде министерот.

Слични Објави