| |

ЗАШТИТАТА НА ДОМАШНИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА ЧЕЛИК СТАНУВА ВЛАДИН ПРИОРИТЕТ

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска, во просториите на Секретаријатот за европски прашања, оствари средба со претставници на бизнис асоцијациите и претставниците на производителите на челик, на кои беа отворени предизвиците кои се отвораат по најновата одлука на САД за поставување на заштитни царини кон Европската Унија за челик и алуминиум, со што се отвора можност за создавање нова светска трговска криза во челичната индустрија.

На средбата, претставниците на бизнис асоцијациите ги истакнаа можностите од продлабочување на оваа трговска војна, со што под знак прашање можат да дојдат и условите под кои македонскиот челик се пласира на пазарите на Европската Унија, што целосно би ја блокирало оваа индустриска гранка. Османи посочи дека како Влада ова прашање го сметаат за исклучителнло важно и ќе му дадат врвен приоритет, а истото ќе стане и главна тема на разговорите со еврокомесарите при претстојната посета на Брисел.

„Следната недела, во рамките на посетата на Брисел, ќе остварам средба и со еврокомесарката за трговија, Сесилија Малстром, каде главна тема ќе бидат токму трговските мерки кои Европската Комисија предвидува да ги преземе, како и начините на кои би се заштитиле домашните производители на челик“, истакна Османи. Тој посочи дека во Брисел, на средбата со еврокомесарката Малстром ќе присуствува и Министерот за економија, Крешник Бектеши, токму во насока на прецизно дефинирање на економските односи меѓу Република Македонија и Европската Унија, а кои се предвидени со меѓусебната Спогодба за Стабилизација и Асоцијација.



Слични Објави