| |

УКРАИНА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ВОЈНА СО РУСИЈА, ЕВРОПА АПЕЛИРА НА СМИРЕНОСТ

Украинскиот парламент одобри воведување воена состојба во дел од државата по инцидентот во Керченскиот Теснец, во кој од страна на Русија беа заробени три воени бродови и 23 морнари. Претседателот Петро Порошенко прецизираше дека воената состојба ќе важи само за граничните региони кои се најранливи во случај на напад од Русија.

Имаме јасно дефиниран факт на агресија од страна на Руската Федерација врз Украина во Азовското море, рече Порошенко пред украинските пратеници.

Москва тврди дека украинските бродови нелегално влегле во нејзините територијални води и нивната цел била да испровоцираат одговор од руската крајбрежна стража. Според билатералниот договор од 2003-та година, Азовското море и Керченскиот теснец се заеднички територијални води на Русија и Украина, но по анексијата на Крим во 2014-та година, Москва полага единствена сувереност над нив.

Ќе го спречиме секое прекршување на територијалниот интегритет и суверенитет, вклучувајќи го Азовското море и неговата околина. Се надеваме дека тоа им е јасно на сите, порача Дмитри Полјански, заменикот на постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации.

По инцидентот повеќе западни држави ги осудија постапките на Русија во водите на Азовското море, па дури се најавуваат и нови санкции за Москва. Германија меѓутоа, предложи заедно со Франција да посредуваат во намалувањето на тензиите меѓу Москва и Киев.

Целта е Русија да почне повторно да го почитува меѓународното право и да не го прекршува територијалниот суверенитет на нејзините соседи. За да го постигнеме тоа потребни ни се две работи, Јасни принципи и принципи кои се јасно изразени, порача Хаико Мас, германскиот министер за надворешни работи.

Воведувањето воена состојба значи дека владата ќе ги забрани сите јавни настани во регионите каде таа е во сила. Исто така таа предвидува и мобилизација на резервниот состав на украинската армија, како и регрутирање дополнителни цивили во служба на армијата.

Инцидентот во водите на Азовсото море претставува прв директен вооружен судир меѓу двете земји и најголемата ексалција во односите меѓу Украина и Русија, по анектирањето на Крим од страна на Москва во 2014 година.

Игор Трајков

Извор: Телма

Слични Објави