ЗАТВОРАЊЕ НА КРУГОТ

Кога се гледа интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев дадено за бугарскта агенција БГНЕС, човек останува со впечаток дека присуствува на некое ново, величествено откровение, на собитие кое дава чувство дека сте некако лично присутни на искрцувањето во Нормандија на “најдолгиот ден“, на денот на падот на Третиот Рајх или на падот на од сите нас омразениот, берлински ѕид. Се што Заев кажа беше точно, јасно и недвосмислено, сето тоа напишано одамна во сите книги и пасквили издадени од нашиот Институт по национална историја, ама сега толкувани точно и јасно. Критиките и протестите пристигнаа веднаш, ама сето тоа наликува на оние силни и обилни летни дождови, ненужни никому, но кои со себе не носат бериќет, ами само поплави и трагедии.

loading...

Искрено речено, очекував овие историски зборови и реченици за нашите односи со Бугарија, реченици кои воедно го отвораат и тесниот пат кон нашето сопствено македонско национално помирување со себе си, да ги каже Љубчо Георгиевски. Сигурен сум дека тој тоа ќе го направеше многу по елегантно и по безболно за македонските “патриоти“, потонати во сопствените илузии за нашето “ариевско“ и не знам уште какво историско потекло и јазик. Ама, “времето дрва продава“, а времето на Георгиевски не беше најсоодветно за такви изјави. Но, тој беше родоначалникот на нашето сопствено национално помирување и, како ретко кога, ове денови беше крајно коректен во поддршката на Заев околу точното толкување на позициите на премиерот. Oчигледно „дружбата“ на Георгиевски со Екатерина Захариева и бугарските првенци, дава некакви позитивни резултати.


Во сета возбуда околу интервјуто на Заев, беше заборавена една работа-дали Заев ја говори вистината. Тоа беше она суштественото што Георгиевски го потврди. Се друго се празни приказни. Некои од луѓето се повредени, некои се чувствуваат измамени и изманипулирани, но тоа се нормални реакции на вистинските кажувања, слушани од луѓе кои навикнале да живеат во светот на измамите и бруталните манипулации. Најважното е дека никој не обвинува за неточности, сите говорат дека Заев се умилкувал, дека неговиот бугарски бил “смешен“, дека говорот на телото не му чинел и слични други квазипсихолошки глупости. Каков бугарски, какви бакрачи, Заев е од Струмица и таму цела Струмица го знае овој македонски јазик, помалку од секое дете на седум години од мојот Прилеп. Па и прилепчени тешко се справуваат со јазикот на нивниот Конески и тешко им оди со (проспските) букви и гласовите њ, ќ и слични. Таму Тања е сеуште Тајна, а коњот е којн, па никому ништо…важно се разбираме! И другите големи јазици имаат слични проблеми. Во арапскиот свет секое дете точно го говори јазикот само во Саудиска Арабија, додека сите други, макар да се и високообразовани арапи, имаат проблеми со сопствената дијалектолошка средина, па никој не им се подсмева. Тоа нешто таму е нормално.

Вербалната омраза достигнува до вербална глупост. Слушаме како Красимир Каракачанов го формирал “својот“ Македонски научен институт (МНИ), па згора на тоа му дели и некакви пари од буџетот на Бугарија. Факт е дека МНИ е формиран во средината на дваесетите години од минатиот век и за неговото формирање најголеми се заслугите на Ванчо Михајлов. Тој е и идејниот творец на институтот и  материјалната база, а институтот е нешто како предворието на бугарската академија на нуките.  Притоа МНИ е секогаш финансиран од  државата се до 1944 година, кога на власт доаѓаат бугарските безродници, комунистите на сталинистот и пијаницата Георги Димитров. Обновен е веднаш по паѓањето на власта на Тодор Живков и веднаш е субсидиран од новата проевропски ориентирана Бугарија.

Интервјуто на Заев на БГНЕС ги затвори сите врати за поплаки од Македонија до европските институции. Лажни се тврдењата на македонската опозиција и бугарските соросоиди дека “Бугарија никој не ја разбира и поддржува во ЕУ“ по отворените прашања со Македонија, замачкување очи е дека Ангела Меркел ги притискала бугарите да попуштат. Да ги обвинуваш бугарите за фашизам, да одиш во Берлин и да се жалиш на фашистите, па и да очекуваш фрау Меркел да те поддржи, е па тоа е чисто безумие. Со такви лудости од кои некој сака да направи политички поени, може да се успее само кај нас македонците.



loading...

Смешни се реакциите на политичарите од минатите времиња. Стари и заборавени персони, на кои ако некој се сеќава, се сеќава само на транзициските несреќи кои го донесоа на својата земја. Некој треба да им каже дека нивните идеи отсекогаш биле профани, излитени и нејасни, а денес се прекриени со сериозна доза на мувлосаност. Бранко Црвенковски го замрзнувал своето членство во СДСМ, а Илинка Митрева и фикусот (Кара)Ѓорѓе Иванов ќе ја бранеле македонската самобитност. Господе боже, кој ли уште се сеќава на нив и кому му се нужни…тие и досега биле ненужни на македонската европска политика.

Кога го гледав Заев на интервјуто се сеќавав на подзаборавеното дело на Гогољ, “Тарас Буљба“. Несреќниот Тарас, го убива својот син Андреј, само затоа дека овој безумно ја сака полјачката-католичка и преминува на полска страна, против својот татко и против своите козаци-православци. Како во некоја античка трагедија, Тарас го убива синот со зборовите “јас те родив, јас ќе те убијам.“ Затоа, КПМ на Лазо Колишевски го “роди“ македонизмот, а нејзината наследничка СДСМ предводена од сегашната нивна елита го “уби“ истиот тој некритички македонизам. Прашање е дали сега или тогаш, на втори август, се случила или се случува “нашата“ античка трагедија.

Заев ја претвори безумната македонска националистичка спирала во македонските односи кон Бугарија во совршен круг и истиот го затвори со еден величествен потег, ставајќи точка на нашето безумие. Ако државниот македонизам промовиран на 2 август 1944 година на “Св. Прохор Пчински“ беше историското дело на КПМ подржана од КПЈ, тога интервјуто на Заев е глогов колец во срцевината на повампирениот македонистички комунизам и отворање на новите патишта кон слободниот европски свет.

Автор: Владимир Перев