| |

ЗАТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ – ПРИЧИНА ЗА ЗЛОТО ВО МАКЕДОНИЈА

  Големите политички мангупи, заради кои и најмногу се распадна поранешна Југославија, одработувајќи за нивните странски ментори, од самото формирање на Македонија го инсталираа изборниот модел со затворени изборни листи како и натаму би продолжиле да ја држат ИЗБОРНАТА МОЌ во своите раце, и така да продолжат да владеат со граѓаните на Македонија и да го користат и злоупотребуваат државниот буџет. Тие никако не сакаа да дозволат уште од почетокот ИЗБОРНАТА МОЌ да биде во рацете на граѓаните, каде што природно припаѓа, и да се воведат отворени изборни листи како во ЕУ, зошто главната и можеби  единствена причина зошто тие се бават со политика беше – буџетот и државните пари, а не интересите на граѓаните. Сите политичари во Македонија досега и на власт и во опозиција, останаа на истите позиции, и затоа од самото создавање на државата граѓаните се потиснати и скриено поробени од сопствените „најголеми синови“.

  Да не се враќаме многу назад, за да биде попластично и поразбирливо, ќе ги разгледуваме само актуелните структури и настани. Потсвесно самите политичари отворено кажуваат зошто се во политиката и за кои цели се борат: Да дојдат на власт ! Да владеат со Македонија ! Да раководат со државните пари ! Заради лице и мачкање очи на граѓаните лицемерно изјавуваат дека ќе им служат на граѓаните, но никако не дозволуваат да се воведат отворените листи – со кои навистина ќе им служат на граѓаните, туку и натаму сакаат да ВЛАДЕАТ со граѓаните на Македонија, со помош на затворените изборни листи. И сето тоа е затскриено со законски регулативи со кои се озаконува тоа ВЛАДЕЕЊЕ со граѓаните и крадењето на државниот буџет.

  Главна карактеристика на системот со затворени изборни листи е КОНТРОЛАТА која можат да ја спроведуваат лидерите, било во партиите или во државната хиерархија. На тој начин се изигрува главното начело на демократијата: борбата на идеи и квалитети, со чија помош треба да се напредува во вредностите и квалитетот на животот во државата. Немањето на конкурентска борба и слобода на нови идеи ја уништи Југославија, а сега ја уништува и Македонија. Во партиските статути ЦЕЛАТА ИЗБОРНА МОЌ се става во рацете на претседателот на партијата, тој си ги бира членовите на партиските тела по сопствен терк, кои му се најлојални и најпослушни, под максимална КОНТРОЛА, и затоа во партиите нема борба на идеи и мислења, конфликти и расправии околу идеи или проекти, се изигрува демократијата и се изгледа како максимална хармонија и соработка, а всушност е тотална изгубеност и послушност, во исчекување на наредбите од лидерот. Сите слободоумни, паметни и критични луѓе – се отстрануваат од партијата по кратка постапка, формално од телата на партијата, а фактички – од лидерот ! Затоа сега во партиите нема никаков квалитет, и не треба ни да се очекува наскоро со истиот систем на функционирање.

  Лидерите на партиите не се заинтересирани толку за државните колку и пред се за личните интереси, па затоа на изборите на пратеничките листи не ги ставаат најдобрите луѓе во државата, туку пред се оние луѓе кои им се најлојални и најпослушни, па дури потоа гледаат од нив кои се најобразувани и најквалитетни. Нелојалните и непослушните на лидерот немаат шанси да припарат до изборната листа на партијата, иако можат многу да направат за државата. За лидерите тие се „опасност за државата“, зошто за нив државата се самите тие ! И повторно, и покрај лојалноста и послушноста, заради максимална КОНТРОЛА на ситуацијата, лидерите со сите кандидати потпишуваат меници или сличен систем, за случајно некој да не се премисли и посака да излезе од КОНТРОЛА на лидерот !

  Мангупските и криминални политичари истиот систем го пренесоа и на државниот систем: Во партиите по изборната победа „едногласно“ лидерот се предлага за премиер, и потоа тој поставува свои лојални и послушни луѓе за министри, кои некако повторно ги врзува за максимална КОНТРОЛА за послушност и лојалност. Во македонскиот случај имаме два премиери, за македонскиот и албанскиот блок. По истиот систем, министрите надолу во своите тимови бираат лојални и послушни луѓе, со одобрување на премиерот, чиј квалитет е помалку важен, но најважно е да се под КОНТРОЛА, и така надолу до најниското менаџерско ниво во државната администрација како раководители и шефови на одделенија. Дури и се вработуваат партиски луѓе на најниските места во администрацијата – само ако се послушни и лојални партиски војници, кои прво и основно кодошат за партијата и организираат луѓе да гласаат за неа. Значи, затворените листи овозможуваат, а праксата во Македонија покажа и дека форсираат – ЗАРОБЕНА ДРЖАВА, со лажирана и КОНТРОЛИРАНА демократија. Така државата и граѓаните се под потполна КОНТРОЛА, привидно се е мирно и државата функционира, се е според закон и пропис, но затворените листи од темел ја нагризуваат државата, таа не функционира и законите не се почитуваат од ВЛАДЕЈАЧКАТА СТРУКТУРА, институциите функционираат само за НАШИТЕ, и стандардот паѓа, државата се повеќе се задолжува, незадоволството кај граѓаните расте и тие се иселуваат. Привидно се е во ред, но КОНТРОЛИРАНАТА ДРЖАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА, СУДСТВО И ЦЕЛ ДРЖАВЕН СИСТЕМ од лидерот кој е на ВЛАСТ – од ден во ден влегуваат од афера во афера, од криминал во криминал, кои веќе не можат да се кријат и стануваат се поочигледни за граѓаните.

  Спас од оваа ситуација не е возможен според закон, затоа што тие лидери на партии кои ја заробија државата и ја контролираат – од нив не треба да се очекува дека ќе го променат изборниот модел и ќе изгласаат отворени изборни листи, тие самите тоа никогаш нема да го направат. Со тоа покажуваат дека не се никакви големи државници или татковци на нацијата – туку најголеми штетници на граѓаните и државата, кои ја злоупотребуваат демократијата како би ВЛАДЕЕЛЕ со простите луѓе во Македонија и лукративно би го злоупотребувале државниот буџет, уништувајќи ја државата како најголеми душмани ! Затоа граѓаните се доволно умни и инсистираат за влез на Македонија во НАТО и ЕУ, зошто само тие можат да им наложат на нашите  политичари да го изменат изборниот закон и да воведат отворени изборни листи. Меѓународната заедница и сега бара тие тоа веднаш да го направат, но тие прават лажирана активност за промена на изборниот модел, со која само сакаат да покажат дека партиите наводно се повеќе за промена на бројот на изборни единици отколку за отворени листи, дека народот така сака итн. Единствен начин за итно воведување на отворени изборни листи е – широка акција на граѓаните на сите можни начини, преку медиумите, социјалните мрежи, јавни собири и сл, да и се покаже на меѓународната заедница дека граѓаните бараат итно воведување на отворени листи, но дека најголемите ЗАРОБЕНИ партии тоа го спречуваат. Во најлош случај, ако не се успее да се воведат отворени изборни листи, граѓаните треба на следните избори да ги казнат заробените партии и да гласаат за оние партии кои ќе се залагаат за итно воведување на отворени листи.

Автор: Елизабета Најдоска Величкова



Слични Објави