| |

Завршена и незавршена историја

Пишува: Владимир Перев

Во изминатите неколку дена две изјави, на двајца навистина важни функционери (без иронија, навистина!) во Република Северна Македонија предизвикаа посебен интерес. Едната е на првиот подпредседател на Владата на РСМ Артан Груби, а втората на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Впечатлива е изјавата на Артан Груби, впечатлива по својата надменост и самоувероност, но и по непознавањето на некои основни работи во светот во кој живее и има амбиции да биде “лидер“.

Обединетиот глас на Албанците од Западен Балкан треба да биде столбот на евро-американскиот дух на нашиот регион, со конститутивен и суштински пристап во обликувањето на стратешките приоритети на нашите земји за регионот, ќе рече Груби, па потоа ќе додаде… Ни се случува Мариупол, Буча, Киев, Луганск, Доњецк, војни, здравствени кризи, економски, воени кризи, вртоглави цени и несигурност насекаде, а ние во 2022 година треба да одлучиме кој што бил и на кој јазик зборувал во 1945 година. Гледам дека Европската Унија ја изгубила лозинката…“

Убаво е да се има самоувереност, да се биде “столбот на евро-американскиот дух…“ ама некои работи треба да се познаваат и почитуваат. Воената агресија на Русија врз Украина и она што “ни се случува во Мариупол, Буча, Киев….вртоглави цени и несигурност…“нема ништо општо со тоа дека “ние во 2022 година треба да одлучиме кој што бил и на кој јазик зборувал во 1945 година“. Напротив, ние баш сега и баш заради тоа, заради суровоста на војната избиена од нерешени проблеми за јазикот и нацијата (меѓу другото) треба да говориме по темата за јазикот, а зошто и да не, по темата за нацијата.

Не треба да се заборави и дека албанската нација и албанскиот јазик беа тема на разговори, но тоа беше во едно не толку далечно минато, но подзаборавено време. Некои од нас се сеќаваат…Уставот на СФРЈ кој се донесе во 1963 година ги придвижи демократските процеси во државата, но не разреши некои основни национални проблеми, пред сѐ правата на албанците но и на другите националности во земјата. Дискусии се водеа по факултетите, а и по кафеаните…таму беа навистина подемократски. Албанците цврсто притискаа да се замени терминот “шиптар“ за нив, како навредлив и пред сѐ разединителен со народот од Албанија, за кои чувствуваа дека се единствен етникум, но и да се промени затоа што имаше негативна, навредлива конотација…и за двете објаснувања беа во право. Се сеќавам на долгите кафеански дискусии во бараката-хотел “Карпош“, тогаш елитно место на албанската и македонската студентарија и професори. Тука беше и веќе подзаборавениот професор Красниќи (мислам предаваше географија на ВПШ), но и студентот Осман Шаља и неговите браќа. Дискусијата понекогаш добиваше агресивни тонови и таа не престана нити по (мислам беше неофицијалната) промената на терминот “шиптар“ со терминот “албанец“ некаде околу 1968 година или малку подоцна. Аналогно на тоа се промени и терминот за јазикот, од “шипратски“ стана албански, нешто кое беше очекувано и потребно. Во тоа време, во неделните броеви на белградска “Политика“, редовно се печатеа статии за двата албански термини, редовно потхранувани со пригушен српски национализам и исклучивост. Беше одамна, сеќавањата од “Карпош“ се изгубени некаде во “димот на цигари и мирисот на мастика“, но се сеќавам дека јас секогаш ги поддржував албанците, но преднамерено си молчев за моите размисли на релацијата срби-македонци-бугари! Еднаш веќе бев под истрага за темата македонци-срби-бугари и македонска “независност“ и не сакав по втор пат да се најдам во истата стапица…некои од албанските студенти за нас велеа “булгари“, мене ми беше мило, а колегите од кафеаната тоа го подразбираа како навреда на нацијата македонска. Значи, и тоа беше по 1945 година, и тоа може би некому звучеше застарено во југоопштеството на лажни еднаквости, ама мене ми беше актуелно, и тогаш и сега…албанскиот етнос во Југославија и во Македонија ја докажа својата актуелност. Подоцна, во МРТВ се запознав со Нијази Мухамеди и некои работи целосно ми се разјаснија. Затоа, не сакам да верувем дека Артан Груби, во амбицијата за “столб на евроамериканизмот“, сака да ги жртвува вредностите на еден пријателски народ, кој значително подоцна од албанскиот востанал за решавање на својот статус. Она што некогаш беше “шиптар“ денес тоа е погрдното “бугар“, но нека не им пречи, барем да се стигне до албанското “bulgar”, ако веќе не може одма да се ползува вистинското име “б’лгарин“, за кое нема ни соодветна буква во македонската азбука, така насилно натурена на еден народ. Впрочем, Европа во моментов воопшто не решава никакви актуелни прашања (не мислам на војна, пари и немаштини, тие се секогаш актуелни) туку решава прашања стари, изоставени и заборавени повеќе од стотина години. Брезитот е едно од тие прашање, кое сеуште не е разрешено…Конечно, дали сме за Фукујама или не, да се расчистиме со “крајот на историјата…“

Христијан Мицкоски е друга приказна, навистина актуелна. Читаме и не веруваме…“Повторувам, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, секое решение кое што ќе ги задира националните интереси, идентитетот, посебноста на македонскиот народ, културата, традицијата, обичаите, многу вековната борба на македонскиот народ за формирање своја, сопствена држава, македонскиот јазик, владата на ВМРО-ДПМНЕ нема намера, нема намера да го почитува“, а за работите да бидат појасни, ќе додаде…„Имам јасна порака до Брисел, оставете ги овие егзибиции и циркуски претстави на двајца политичари кои до пред 6 месеци не ни знаеја дека овој проблем постои. Ниту Ковачевски ниту Петков не знаеја дека овој процес постои, а камо ли сега да бидат луѓе кои ќе изнајдат решенија. Затоа се секогаш оптимисти и насмеани“.

Што да му се каже на човек кој си дава мислење за кое никој не го прашал, но и за кое ништо не разбира. Тој знаел зошто се насмеани, но и знаел дека овие двајца до пред шест месеци не знаеле за проблемот со Бугарија. Знаеја, знаеја и тоа многу добро знаеја. За проблемот знаеја сите, од Александар Караѓорѓевиќ, па Тито и Александар Ранковиќ, па преку Лазар Колишевски и Тодор Живков, па се до Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, оној неспособниот Глигоров, знаеше и бегалецот Груевски, знаеја сите, ама се правеа на удрени…така им беше најлесно. Арно ама, на Балканот, проблемот со македонските бугари е како рак во телото…можеш да се правиш дека си здрав, да држиш автосугестија, ама крајот ќе дојде и ќе биде видлив. Не е баш “математички прецизно“ како би рекол Мицкоски, ама е “математички сигурно“, само што временската компонента на равенката и можната грешка се разлеани низ времето и просторот…така вели законот за веројатноста и бинарните системи…ќе се случи сигурно, ама не се знае кога, односно во приближно некој релативен временски и просторен сооднос. Мицкоски тоа го знае! Ветува дека нешто нема да признае, но се надева дека до тоа нема да дојде. Ајде да го видиме, да седне на меѓународна конференција и да не се согласи дека е од “северна“, да го видиме и тоа нешто. ..никој нема ниту да го праша за согласност за името на Македонија. Кај албанците нештата се случија порано. Беа повеќе, беа борбени и имаа поддршка од својата матична држава. Груби “заборава“ тоа да го спомене, ама и не треба, ние знаеме. Кај бугарите работата врвеше потешко, ама сега проблемот се интернационализира и на решението му се гледа крајот.

Груби и Мицкоски да ја прочитаат книгата “Судени за Македонија“ од Стојан Ристески. Повеќето од тие несреќници лично ги познавав и ги знаев нивните размисли. Беа судени зато што се македонци, но тој поим има различно толкување. Во моите разговорите со нив, некои од националните прашања беа разчистени, како и вечната тема за ванчомихајловизмот. Денес тоа е официјално нерасчистена работа, па затоа Мицкоски се прави на голем македонец, а Груби на евроамериканец. Историјата не учеше дека најголемиот македонец на сите времиња беше Лазо Колишевски…така учевме, некои сеуште така учат, а некои сеуште тоа и јавно го говорат. Ако тоа е точно, тогаш Мицкоски нека одговори зошто сите оние несреќници “судени за Македонија“ ја поминаа страшната затворска голгота низ казаматите на Идризово. За која Македонија беа тие, за која беше Колишевски и за која Македонија се борат тој и неговата партија…за Груби знаеме, тој се избори за да биде на своето, почитуван албанец, сега може да се прави и на евроамериканец, нему му се може!

Само, и едниот и другиот, нека не ги принесуваат другите како жртви на олтарот на слободата и евроамериканизмот…некои од нас, од многу порано сме биле и сѐуште сме таму! Ние, македонските бугари сме (денес) продукт на евроамериканизмот и тоа е единствената придобивка од титовата Југославија. Борбата не престанала!

Слични Објави