|

Завршени осум „кардиолошки случаи“, следуваат уште пет

Стручната комисија при Министерството за здравство ја заврши обработката на првите осум предмети од таканаречените „кардиолошки случаи“. Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека работата ќе продолжи во вторник, кога ќе бидат разгледани уште пет случаи.

„Нашата Комисија вчера имаше состанок, заврши со осумте случаи. Имаме уште пет други, ќе продолжи во вторник. Надворешните експерти ќе дојдат кога ќе бидеме подготвени, не се правно договорени зашто имаме законски пречки. По изборите ќе се потпише договорот со нив,“ истакна Алиу, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за кардиохирургија.

Директорот на Клиниката, Дејан Димитровски, нагласи дека не бил вклучен во изборот на случаите. „Не учествував во селекцијата. Инаку, се работи за пациенти кај кои е направена коронарографија, дијагностичка процедура пред изведување оперативен зафат и контрола, коронарографија по операцијата при што се гледаат одредени неправилности,“ посочи тој.

Во однос на смртта на девојче од селото Челопек, министерот Алиу соопшти дека првичните резултати од извршените контроли покажале дека тетовската болница постапувала според протоколите. „Во Тетово имавме три комисии, внатрешна која беше веднаш формирана од директорот и вработените на тетовската болница. Утредента по мое барање беше испратена и од Институтот за јавно здравје. Имаме резултати од стручните лица – покажаа дека Протоколот е следен, немаме некој наод. Ќе чекаме денеска или утре да заврши уште една наша стручна комисија, на Министерсвото за здравство, ги чекаме и резултатите од обдукцијата за да ги собереме сите и да видиме што понатаму,“ изјави министерот.



Слични Објави