| |

Заврши првото издание на фестивалот „Оро се вие“ во Босилеград

Со гала-концерт на отворената сцена и заедничко оро на учесниците и публиката заврши првото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Оро се вие“, што се одржа од 27 јули до 2 август во Босилеград, јавува БТА.

Во финалната вечер настапија ансамблот „Кочо Рацин“ од Скопје, Фолклорниот танцов состав „Прибојски ритми“ од селото Прибој кај Радомир, Културно-уметничкото друштво „Бранислав Нушиќ“ од Владичин Хан, како и ансамблите при Центарот за култура „Босилеград“ и Спортското друштво „Младост“.

Во текот на седумте фестивалски вечери настапија повеќе од 30 фолклорни ансамбли и вокални групи од Србија, Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора, со над 1.000 учесници. Секоја вечер започнуваше со дефиле низ центарот на Босилеград, а завршуваше со заедничко оро.

Во рамките на фестивалот се одржа и петтиот традиционален натпревар во подготовка на рибена чорба. По повод празникот Свети Илија, на 2 август беа организирани културно-уметнички програми и во селата Бресница, Извор и Горна Лисина.

Организатори фестивалот се Општина Босилеград и Центарот за култура „Босилеград“, со поддршка од Министерството за култура на Србија, Националниот совет на бугарското национално малцинство, рудникот „Грот“ и повеќе локални институции. Медиумски партнер е НРТВ – Босилеград.



Слични Објави