| |

Taјни преговори или јавни заблуди!

Владимир Перев

1.  Деновиве во нашата Северна Македонија живееме во (или) свет на нови реалности, (или) свет на некаква паралелна реалност, на познатата „Зона на Самракот“ каде се губат облиците на реалноста, а сеуште се недостапни благодетите на “другата реалност“. Пред неколку дена премиерот и министерот за надворешни работи ни кажаа дека “протоколите не се дел од преговарачкиот пакет“, па можеме да спиеме мирно, за деновве да разбереме дека министерот Муцунски и неговата екипа водат “тајни преговори“ за надминување на проблемот “бугари во Уставот“. 

Одамна сме запознати со вмровските итроштини околу решавањето на проблемот со името “во наша полза“, патувањата на тогашниот премиер Груевски по белосветските метрополи и негови изјави во некои катакомби и тесни ходници, заградени со панелки во истите тие центри. Резултатот и успехот од тие преговори беше подоцна потпишаниот Преспански договор и нашето именување “северномакедонци“, додека оние од Егејот и Пиринот можат да си се нарекуваат како си сакаат. И никој нека не кажува дека СДСМ и Зајко се виновни за тоа, катастрофата беше заеднички именител и чинител на двете големи и на сите други македонски партии, дури и на оние албанските, кои мирно гледаа и ни се потсмеваа на сопствените глупости и меѓусебни омрази. Сега се важни поставките на “Бугарскиот договор…“, “Францускиот предлог…“ и нашите напори да се извлечеме од вителот во кој пропаѓаме сѐ подлабоко. Излез нема! 

2.  Нејасни се приказните на министерот Муцунски за тајноста на неговите преговори околу надминувањето на проблемот со бугарите и Уставните измени. Притоа не е важна тајноста, тоа е приказна за лековерни, нема тајна која не може да се разоткрие за по малку од 48 часа. Едно е сигурно – Муцински не преговара “тајно“ ниту со Бугарија, ниту со Грција (од која бара помош) ниту пак со Франција, Германија или некоја од големите европски сили. 

Бугарската министерка Велислава Петрова веќе заборавила како изгледаат и што кажале Муцунски или Мицкоски. Бугарија, стисната меѓу израелско-американската-иранска војна и конфликтот на целиот Блиски исток, од една страна, а од друга страна притисната од војната на агресорот Русија против Украина и цела Европа, бара шанса за дипломатски решенија за тие витални прашања за бугарската држава, народ и решавање на финансиски последици од војната. Во прв план е сочувувањето на државните, бугарски интереси и “слободната  пловидба“ меѓу завојуваните интереси! Бугарија, Грција, а сега гледаме и цела Европа ги мачат проблемите со мигрантските кризи, консолидирањето на економијата и воената индустрија, така што прашањето за “македонската кичма која не се витка“ е ставено во некоја последна фиока на менталните процеси на европските политичари. Европскиот амбасадор Рохас учтиво се смешка и вели дека “преговори се водат“ (ако точно сум разбрал), ама ние веќе одамна сме требале да ги научиме основните лекции на доброто дипломатско воспитание. 

3.  Македонските политичари и историчари кои говорат за “условно“ влегување на бугарите во Уставот, или “одложено“ влегување, си вршат политички харакири себе си, на сопствениот народ и на својата држава. Такво нешто македонските бугари никогаш нема да прифатат, па без разлика дали се “само“ 3.500 души. Таквите измислени, наводно условени решенија се политички недоквакани сугестии, кои ако бидат (па макар и случајно) прифатени, ќе предизвикаат политички и национални земјотреси во цела Југоисточна Европа. Софија е свесна за тоа, па затоа и така студено и без некаков одговор гледа на овие изјави. На премиерот на Бугарија Румен Радев, уште како на претседател на државата овие позиции му беа совршено јасни, па затоа и донесе такви политички решенија за реализацијата на правата на македонските бугари. Од тие позиции и позициите на Парламентот во Софија, отстапки нема. 

4.  Треба да кажеме дека итроманите од македонското ДПМНЕ на Никола Груевски, секогаш воделе преговори за подобрата иднина на нашата земја, ама тоа биле преговори на линијата Скопје-Белград-Будимпешта, со согласност на Москва, и некакви финансии од Пекинг. Преговорите со ЕУ секогаш биле преговори за пари и ветувања и обврски кои никогаш не мислеле да ги исполнат. Денес, Мицкоски и Муцунски се во нова ситуација – Унгарија го нема Орбан, па не е наш “стратешки“ партнер, Москва е во војна која полека ја губи, па на оваа влада и останува само “српскиот свет“ на Вучиќ и неговата, Вучиќевата, веќе сигнификантна агресија кон бугарите од Западните покраини. Затоа тука е “нашиот“ министер Стоиљковиќ, кој треба да биде последниот бастион на одбраната од “бугаризацијата“ на македонскиот народ. 

Јадно е ова македонско раководство ако мисли дека со изјавите од типот “претходната влада…“, “талог на општеството…“, “капитулантски изјави…“ и слично, ќе ја промени позицијата на нашата земја во однос на ЕУ и Бугарија. Преценета е улогата, како на Стоиљковиќ, така и на Вучиќ и нивниот антураж…тие нешта биле одамна, со други актери. Тоа  сега веќе не поминува, поминаа 35 години од 1991 година…

5.  Оваа спирала на “виртуелна“ или “паралелна“ реалност треба да престане веќе еднаш. Да стане јасно дека во Македонија, Србија, Грција и Албанија, бугари имало отсекогаш и секогаш ќе ги има. Нивната бројност, секогаш ќе зависи од политиката и демократизацијата на тие држави. Нѐ имало секакви, од разни професионални и идеолошки профили, но најчесто, без разлика на нивната идеологија, тоа се чесни и работливи луѓе. Во тоа е и нашата гордост. 

Нема тајни преговори, нема тајни држави, па нема ни јавни резултати. Ова се приказни-реликт од времето на преговорите за името, кога нас нѐ лажеа, а ние сакавме да бидеме лажени. 

Го добивме резултатот. 

Да се подготвиме да го пречекаме новиот- „таен“ резултат! 



Слични Објави