|

Завршува јавниот увид во Избирачкиот список за Локалните избори 2025

Јавниот преглед на информациите од Избирачкиот список за Локалните избори 2025 завршува утре, 11 септември, на полноќ. Крајниот рок за доставување на листите со кандидати за градоначалници и советници е два дена подоцна, на 13 септември, исто така на полноќ.

Изборната кампања ќе започне на 29 септември, а локалните избори ќе се одржат на 19 октомври. Гласањето ќе се спроведе во 80 општини и во Градот Скопје, на вкупно 3.480 избирачки места.

Граѓаните можат да го извршат јавниот увид денес до 20 часот во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, а утре службите на Комисијата ќе работат до полноќ. Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во изводите од Избирачкиот список се поднесуваат писмено до подрачното одделение на ДИК, во месната канцеларија, или електронски на адресата [email protected], со приложени потребни докази. Обрасците се достапни на веб-страницата на ДИК (sec.mk).

Јавен увид е овозможен и за лицата во притвор и затвор, кои барањата ги поднесуваат преку органите за извршување на санкции до 11 септември. ДИК е обврзана да донесе решение за секое барање во рок од 24 часа. Доколку е одбиено, граѓанинот има право на тужба до Управниот суд, кој решава во рок од 24 часа.

Финализираниот Избирачки список ќе биде заверен од ДИК најдоцна до 3 октомври. Политичките партии до утре, 11 септември, можат да достават барање за негово добивање, а ДИК е должна да го предаде списокот најдоцна до 14 септември. Партиите потоа имаат пет дена рок за евентуални забелешки, а Управниот суд решава по тужбите во рок од 24 часа.

Дополнителни податоци до ДИК доставуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, основните судови и органите за извршување санкции. Овие институции се должни да ги достават информациите најдоцна до 18 септември.

Избирачкиот список со сите промени од јавниот увид ќе биде заклучен најдоцна на 26 септември, а потпишаниот список кој ќе се користи за гласање мора да биде готов најдоцна до 3 октомври.

Слични Објави