ДУИ: Северна Македонија не е и никогаш нема да стане „третата српска република“
Демократската унија за интеграција изрази загриженост и алармираше до јавноста дека Северна Македонија се соочува со отворена офанзива на злогласниот проект „Српски свет“.
Од партијата предупредуваат дека овој проект сè почесто се манифестира на официјален начин, со присуство и, за жал, со благослов на државни претставници на земјава. Како примери, тие ги посочуваат прославите во Битола, каде што високата делегација на Србија заедно со министри и претставници на Владата под превезот на „Солунскиот фронт“ го чествуваа српското окупирање на македонските територии, како и неодамнешната прослава на 7 септември 2025 година на Кајмакчалан.
На тој настан, српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ, изјави дека станува збор за „патот на слободата“ и „враќањето во татковината“ на српската војска на територијата на Македонија – нешто што ДУИ го оценува како скандалозно.
Присуството на нашите институции во вакви сценарија, велат од ДУИ, претставува не само тежок историски и политички провокациски чин, туку и обид за релативизирање на суверенитетот на државата, претставувајќи ја Северна Македонија како „третата српска република“.
„Тоа е неприфатливо. Тоа е директна закана за идентитетот, државната стабилност и евроатлантската ориентација на земјата,“ стои во реакцијата.
ДУИ нагласува дека проектот „Српски свет“ е непријателски кон Северна Македонија и потсетува дека Рамковниот договор, меѓуетничката кохезија и неповратниот пат кон Европската Унија се единствената гаранција за сигурна иднина.
„Секој обид за поткопување на овие вредности ќе се соочи со нашето решително и бескомпромисно противење. Северна Македонија не е, и никогаш нема да стане ‘третата српска република’,“ порача ДУИ.
