|

Завршува кампањата за вториот круг од локалните избори, на полноќ почнува изборниот молк

На полноќ завршува кампањата за вториот круг од локалните избори што ќе се одржат во недела, 2 ноември, по што почнува изборниот молк кој ќе трае до затворањето на избирачките места во 19 часот.

Граѓаните во недела ќе гласаат за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје, а на три избирачки места во Шуто Оризари ќе се спроведе прегласување за советници. Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше изборниот процес се повторува поради непостигнат цензус во првиот круг на 19 октомври.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ синоќа го одржа завршниот митинг во Скопје, на кој се обратија премиерот и лидер на партијата Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Мицкоски изрази уверување во, како што рече, историска победа, додека Ѓорѓиевски ги повика скопјани масовно да гласаат и „да покажат дека Скопје избира работа и човек кој знае и умее“.

Движењето ЗНАМ најави мини митинг, на кој ќе се обратат Мицкоски, Ѓорѓиевски и кандидатот за Центар, Мирослав Лабудовиќ. Кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, својата завршна активност ќе ја реализира преку прес-конференција.

Во главниот град право на глас имаат 474.304 гласачи, кои ќе одлучуваат меѓу Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица.



Слични Објави