Трка за последното место
Бране Стефановски/ Слободен печат
Македонската економија ќе бележела раст од 3%, со инфлација од 4% – прогнозира Виенскиот институт. Каков е тој раст помал од инфлацијата? Но, веќе овие податоци никому не му се интересни, ни важни. Штом „илјадарката“ се симна на вредноста на „стотката“, ниедна власт не може да нè убеди дека „Македонија ќе се сторит ол рајт“.
Конечно успеавме, го освоивме претпоследното место во Европа! Всушност, дали сме последни или претпоследни тоа ти е сосема исто. Ние сме шампиони, ако пирамидата се сврти наопаку. Ние сме хероите на дваесет и првиот век, кои од готово направија вересија, пепел и смрдеа, од граѓани намирисани со „живанши“, чии улици се миеја со цистерни со прскалки, да смрдиме на ѓубре и на чад. Македонија трча во спротивен правец, наместо кон целта – кон стартот, збунета, конфузна, нејасна ни самата на себеси. На светот му покажавме дека неможното, ние го правиме можно.
„Македонската економија ќе бележела раст од 3%, со инфлација од 4%“ – прогнозира Виенскиот институт. Каков е тој раст помал од инфлацијата? Но, веќе овие податоци никому не му се интересни ни важни. Штом „илјадарката“ се симна на вредноста на „стотката“, ниедна власт не може да нè убеди дека „Македонија ќе се сторит ол рајт“. Бормашина – поевтина од осоговскиот кашкавал! И да дојде до деноминација на илјадарката со бришење на една нула, веднаш „ќе се сетат властите“ и за десет пати ќе ги дигнат цените, и пак ќе ни дојде на исто!
Значи, од осамостојувањето влеговме во континуирана трка за освојување на последното место. Пред тоа, кога бевме во Федерацијата, имавме индустрија: „Емо“ Охрид, „Руен“ – Кочани, Кожара, Стаклара, Цементара, Железара, „Нонча Камишова“ – Велес, „Топилницата“ Велес, „Тетекс“ – Тетово, „Благој Ѓорев“ – Велес, „Бучим“ – Радовиш, текстилната индустрија Штип, ЧИК „Куманово“, ЗИК „Пелагонија“, „Скопско поле“, „Овчеполе“ и други гиганти. И ние лично бевме гиганти. Кога патуваме во Европа, не бевме многу подолу со куповната моќ, бевме инфериорни со (не)културните манири. Кога патувавме во Бугарија, умиравме од смеење од нивните пароли, како: „Дружбата с’с Саветскија сајуз е неопходима като с’лнцето и хлјаба“, од претресите на границата, од празните „магазини“ во кои „сичко имаше, ама њамаше каде да се намери“, од полициските контроли, од нивните најлон кошули и од нивниот восхит од нашите „д’нки“ и „д’фки“. Ама браќата се пикнаа во скутот на мајката Европа и сега не ги кисне дождот, си добија милијарди, па купуваат оружје, па се прават како ништо да не било, со право.
Во Албанија, при едно службено патување, 1998 година, по сртот на една висока планина, по тесен макадамски пат, од грмушките истрча униформирано лице, со нејасна и некомплетна униформа, не знаевме дали е полицаец или шумар. Со мимики нè замоли да го префрлиме до некоја дестинација, а по еден километар ни даде знак да застанеме и љубезно ни се заблагодари за тоа што сме го повозеле – со кола!!! Кога почнавме да се симнуваме по планината надолу, нè пречека поглед на поле полно со бетонски бункери свртени кон нашата граница. Во Тирана се возеа половни коли, но без сообраќајни правила, „кому иде“! Немаше ниеден хотел на брегот. Албанија влегува во ЕУ за најмногу две години!
Ние гориме, страдаме, умираме, врескаме од мака, нема кој да нè чуе, нема кој да нè лечи, кој да суди, кој да ни дојде на гости, кому да му отидеме, улична пустелија и темница. Си молчиме, си гласаме и продолжуваме во колони како овци кон кланица, никој, ама никој не се надева дека ќе дочекаме нешто убаво да се случи. Отрпнавме! Пешачиме меѓу глувци и стаорци, главите ни се сè потешки од брзото стареење во времето што нè гази молскавично, без можности за поголеми животни успеси. Тие нè газат, ни се смеат в лице и триумфалистички мавтаат со нивните знамиња врз нашата мака и почетокот на чистењето на ѓубрето го рекламираат како голем политички успех. Перверзна конверзија на обврските со реалните (не)успеси.
Горан велеше – „на Европа ѝ се прди за нас…“, ама сега, и покрај сè, нè моли, ние одбиваме, се смееме, се потсмеваме, се надитруваме и со едното око гледаме кон далечниот исток со руски акцент и тајно и полугласно ја пееме „Катјуша“ (Расцветали яблони и груши…), а од таму никој не запеа ниедна наша песна, ни „Македонско девојче“ која се пее во цел свет.
Младите одат да студираат во Бугарија и во Албанија, бегаат од сопственото образование кое, слободно можеме да речеме дека го нема, а на приватните факултети, особено на некои туристички, се паѓало само ако се сопнеш по скалите. УКИМ пропадна, го нема на „Шангајската листа“, иако во него имаше простор и катедри за сите националности, на кои во нашето време им беше прогледувано низ прсти при оценувањето.
По 2001 година, вработувања по етничка и партиска основа, па така добивме, сосила стручност, приватни и етнички чисти факултети, науката се зеде под нозе, па и врз неа беа ставани етнички и партиски знамиња.
Партиите се извештија во правење семожни коалиции, секогаш со крајна цел да го изиграат народот, ниедна друга цел не им е приоритетна. Да, се коалицира секаде во светот, но кај нас се други целите.
Континуитет во неспособноста брзо да се решат проблемите што се трупаа од тоа што никој и не се нафаќаше да преземе одговорност.
Да се префрла вината за катастрофалната состојба на претходната власт е црн хумор, чиста лага, глупост и кукавичлук, обид за комоција на сопственото лидерство. Секоја влада во светов има џентлменски период за залет во работата од 100 дена, потоа никој не ја штеди.
Сите кандидати спомнуваат некакви проекти, а парите од ветените кредити да ти не можеле да се земат, затоа што немало проекти. Тавтологија на „проекти“ и „предизвици“! Зборот „проблеми“ веќе не постои, се замени со „предизвици“, за проблемите да изгледаат дека не се проблеми, туку предизвици. А, бе, лудница!
Додека Кина и Индија се поврзуваат со гасовод од Русија преку Монголија, нашата изборна цел е: биро, мека лифт-столица, добра секретарка, ајфон и чаталење со освоените места на етничка основа.
Сега клечиме понизно, лигаво, пред неписмени, неталентирани, немузикални, недоносени, неуки, арогантни, безобѕирни, нелојални, немилосрдни, нечовечни, душмани на својот народ, мразат сè што не е од нивната политичка партија. Наместо економијата, тие го ѕидаат национализмот, под чија тежина темелот се витка, а од преголема тежина може да пукне. Добро внимавајте на законите на физиката, „родната Европа“ се оддалечува од нашиот брег, со опасност од попуштање на скелето и можност за тектонски пореметувања на нашата територија, чии афтершокови не се смирени уште од 2001, со изразени амплитуди, особено во изборниот период, со сесрдна соработка на патриотските сили. Зошто никој не поведува иницијатива за формирање специјално одделение за испитување на вината на сите што ја доведоа Македонија до ова дереџе, особено за кршење на правото на пристоен човечки живот и заканите за нарушување на уставниот поредок, со јасно видливи и чујни пораки? Затоа што за такво нешто треба ефикасна држава, што никогаш не сме ја имале.
Не е пријатно да ја трпиш хегемонијата на примитивноста, кога гледаш дека светот се реорганизира, да се помириш со состојбата како народ што својот подобар живот го гледа во некое неодредено идно време. А, сè што имаме е времето, затоа треба да се живее сега и богато, да нема глад и ѓубре.
Никој веќе не им верува на кандидатите, се гласа за партија, тоа се виде во првиот круг, иако има големо намалување на бројот на гласови, што е надежно за колективниот рационален ум, но сепак останува безнадежноста и дилемата има ли некој што има харизма и сила да го пресече гордиевиот јазол сплеткан од нашата состојба?
Сепак, и покрај сета депресија што нè мачи, најпогрешен е индиферентниот однос кон политичките случувања, па нели сме „зоон политикон“? Ако ѝ се препуштиме на пасивноста – политиката ќе аздиса, како што аздиса, без страв од најсилното оружје – пенкалото во нашите раце, па не е ништо чудно што секоја прилика ја користи да нè убеди – да не брзамe во трката, зашто и така се наоѓаме на целта, а тоа е почетната позиција.
