Збор два за обредот под маски “Прилепски мечкари” – Континуитет на традиција во рамки на празникот Прочка во Прилеп
Подготвила: Кристина Коларовска Паскоска, етнолог и антрополог
Познато е дека на нашето тло по христијанизацијата(VII-IX век), и по настојувањето на народот да ја зачува својата претхристијанска (народна) религија, владее религиозен дуализам, па така Прочка или Велики Поклади е христијански празник, во чие празнување коегзистираат и обреди од народната религија, кои ги обработуваат култот кон плодноста и култот кон смртта. За Прочка е познато дека се слави седум недели пред Велигден, се врши обредно простување, но и во некои делови од Македонија, покрај тоа се прави и обредно маскирање како што е обредот под маски “Прилепски мечкари” во градот Прилеп.
Обредот под маски “мечкари”, претставува континуитет на традиција препознатлива кај касапите и касапскиот занает, пренесувана од колено на колено за што говорат и се сретнуваат записи околу триесетите години. Преку овој обред, учесниците го истакнуваат својот професионален- еснафски идентитет.
На обредот му се препишуваат три етапи, првата етапа на обредот, од саботата, ден пред Прочка или Велики Поклади (16.03.) каде група од десеттина учесници од обредот Прилепски Мечкари, рано изутрина придружени со четворица тапанџии и зурлаџии, започнуваат со канење на прилепскиот еснаф( дуќанџии и месарници).



За таа цел се носат шеќерчиња, ракија и покани. Се канат на посен грав за во понеделникот ден веднаш после Прочка на заеднички ручек во Манастирот Св.Вмч.Георгиј во село Присад.
Утрото на ден Прочка (Велики Поклади), пред Домот на Културата “Марков Цепенков”, каде што се калеми културата, е токму таму се одвива втората етапа од обредот- собирот и маскирањето. Додека, години низ минатото се собирале и маскирале во старата кожара т.н. зибија, потоа во кланицата но и во домовите кај двајца од касапите.



Откако ќе ги навлечат маските на себеси, нотите на македонскиот мелос создадени од тапанарите и зурлаџиите кои виреат во просторот, ги повикуваат на т.н. обредна игра каде сите заедно со немаскираните учесници кои се јавуваат во улога на водачи и кои ги носат кантите во кои ги собираат парите, ја започнуваат својата обредна обиколка низ градот при што ги посетуваат единствено домовите на касапите и месарите. Се верува дека со дарувањето на пари, “прилепчани им плаќаат на мечкарите за да си го откупат сопствениот живот”, а зошто е тоа така, затоа што во периодот помеѓу двете светски војни касапите и нивниот занает биле озлогласени, поради животните кои ги убиле и заклале за кожите, и се верувало дека нивните животи биле опседнати со тие души.
Веднаш после Прочка, со собраните дарови, пари и гравот, на денот Чист понеделник, рано изутрина во манастирот Св.Вмч.Георгиј или меѓу нив попознато како Св. Ѓорѓија во село Присад, се собираат “мечкарите” и варат т.н. касапски грав чиј марифет за неговото приготвување е специфичен и единствен во Македонија.
Се вари 25кг грав со 20л. масло, со малку лук, лути пиперчиња, малку вода. Со посниот ручек завршува и третата етапа од обичајните дејствија поврзани со оваа маскирана дружина.



Местото на одржување на обредниот ручек во текот на годините исто така се менувало и тоа од манастирот во месноста Дервен, па во фабриката Тутунски Комбинат доколку имало многу снег. Според изјавите на соговорниците веќе триесетта година по ред се одржува во манастирот Св.Ѓорѓија во селото Присад.
„Чувството да се проследи оваа вековна традиција, ми побуди многу моќни емоции, еден миг се отргнав од фотографирање и само сакав да битисувам во нивното постоење, додека звуците од тапанот и зурлата ми ја погалија душата, разбудувајќи ги предците и болката, борбата за Македонија.“ – вели Паскоска.
Фото: Кристина Паскоска

