Здружението на потомците на бегалците и преселениците од Република Северна Македонија во Бугарија со писмо до пратениците во Европскиот парламент
Здружението „Потомци на бегалци и преселеници од територијата на Северна Македонија и пријатели“ од Софија испрати официјално писмо до членовите на Европскиот парламент, со предмет, јавните изјави, што ја поткопуваат јасноста на условите за пристапување на Република Северна Македонија кон Европската Унија.
Во писмото здружението изразува категорична несогласност со изјавата на известувачот Томас Вајц за телевизијата Канал 5 дека “е потребна јасност што Европската Унија очекува земјата да исполни“. Авторите на писмото се децидни дека „условите кон Северна Македонија се јасни, формализирани и јавно познати“.
Во своето писмо до членовите на Европскиот парламент, тие ги повикуваат европратениците:
доследно да го бранат универзалниот карактер на човековите права и принципот на недискриминација, вклучително и во однос на граѓаните на Република Северна Македонија кои слободно ја изразуваат и ја бранат својата бугарска идентичност;
строго да се придржуваат кон фактите и официјалните документи на Европската унија;
да го штитат принципот на објективна и врз факти заснована оценка на напредокот;
да не дозволат политизација на процесот преку подвеждачки или селективни интерпретации.
Во продолжение ви го пренесуваме писмото во целина и без уредничка интервенција:
ДО ЧЛЕНОВИТЕ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ
4 маj 2026
ПРЕДМЕТ: Јавни изјави кои ја поткопуваат јасноста на условите за пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ
Почитувани членови на Европскиот парламент,
Со ова изразуваме сериозна загриженост и категорично несогласување со јавната изјава на известувачот за Република Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дадена на 29 април во интервју за телевизијата Канал 5 и потоа широко распространета во медиумскиот простор, дека „е потребна јасност што Европската унија очекува земјата да исполни“.
Ваквото однесување грубо ја искривува објективната реалност на преговарачкиот процес и претставува свесно манипулативна политичка сугестија, која директно ги обслужува внатрешнополитичките наративи на властите во Скопје, истовремено прикривајќи го недостатокот на реален напредок во исполнувањето на преземените обврски – факт што самиот Томас Вајц јасно и недвосмислено го признаваше во свои јавни настапи пред само неколку недели.
Со длабока загриженост укажуваме на следното:
1. Условите кон Северна Македонија се јасни, формализирани и јавно познати
Европската унија прецизно ги има формулирано барањата кон Република Северна Македонија преку:
- преговарачката рамка, одобрена од Советот на ЕУ;
- заклучоците на Европскиот совет;
- обврските што произлегуваат од т.н. „француски предлог“ од 2022 година;
- конкретни критериуми поврзани со владеењето на правото, заштитата на човековите права и принципот на недискриминација.
Дополнително, институциите на ЕУ систематски ги конкретизираат овие барања преку јасно дефинирани реформски приоритети, индикатори за напредок и временски определени мерки, вклучително и такви од чие исполнување директно зависи пристапот до европско финансирање.
Во такви околности, тврдењето за „недостаток на јасност“ во однос на очекувањата на Европската унија е објективно неточно и фактички неосновано.
2. Подмена на суштината: од неизвршување кон „нејасни барања“
Јавно е познато дека самиот Томас Вајц повеќепати има изјавено дека во Република Северна Македонија не се спроведуваат клучни реформи, вклучително и во областа на владеењето на правото и независноста на судството.
Во таков контекст, сугестијата дека проблемот произлегува од „нејасни очекувања“ од страна на Европската унија претставува суштинска подмена на фактите, при што:
- вистинскиот проблем – недостатокот на политичка волја за исполнување на преземените обврски – се игнорира;
- јавниот дискурс свесно се пренасочува кон припишување одговорност на Европската унија.
Овој тип реторика целосно се совпаѓа со официјалните позиции на властите во Скопје и практично легитимира наратив што го одвлекува вниманието од неисполнувањето на клучните критериуми во процесот на пристапување.
Ова е во директна спротивност со основниот принцип на условеност во политиката на проширување на ЕУ, како и со т.н. merit-based approach (пристап заснован на сопствени заслуги/постигнат напредок), според кој напредокот на секоја земја кандидат е целосно условен од исполнувањето на јасно дефинирани критериуми и преземени обврски.
3. Поткопување на довербата во процесот на проширување
Ваквите изјави имаат сериозни негативни последици, бидејќи:
- ја еродираат довербата во објективноста и непристрасноста на известувачот;
- создаваат лажен наратив дека условите за пристапување се нејасни или произволно поставени;
- го демотивираат реалното спроведување на реформи, префрлајќи ја одговорноста за недостатокот на напредок врз Европската унија;
- создаваат предуслови за засилување на евроскептицизмот преку сугестија дека ЕУ не е способна доследно да ги применува сопствените критериуми.
Наместо да ја извршува својата улога како инструмент за објективна оценка и отчетност, позицијата на известувачот ризикува да се претвори во политички штит за неисполнување на преземените обврски, што индиректно поттикнува дестабилизирачки тенденции во регионот.
4. Особено проблематичен контекст – т.н. „билатерални прашања“
Разгледуваната изјава се вклопува во поширока линија, повторно во согласност со наративите што се промовираат од Скопје, според кои т.н. „билатерални прашања“ треба да бидат исклучени од процесот на европска интеграција.
Неопходно е јасно да се нагласи дека Република Северна Македонија ја има прифатено и ратификувано преговарачката рамка, поради што неисполнувањето на обврските што произлегуваат од неа не претставува билатерален спор, туку прашање во односите на земјата со Европската унија како целина, односно со сите нејзини 27 земји членки.
Во таа смисла, изјавата на Томас Вајц е во директна спротивност со содржината на самата преговарачка рамка, која експлицитно вклучува:
- обврска за добронамерно исполнување на билатералните договори и протоколите кон нив;
- гарантирање на универзалните човекови права, вклучително и правата на бугарската заедница во Република Северна Македонија, под услови на рамноправност со другите уставно признати заедници;
- ефективни мерки за спречување и надминување на говорот на омраза.
Во овој контекст треба да се нагласи дека обидите преговарачката рамка да се прикаже како спротивна на правото на Европската Унија се правно неосновани, бидејќи таа претставува политички акт донесен со консензус од државите членки во рамките на процесот на проширување, а не извор на примарното право на ЕУ.
Заклучок
Имајќи го предвид наведеното, констатираме дека тврдењето на Томас Вајц дека „не е јасно што Европската унија очекува од Република Северна Македонија“ не претставува обична неточност.
Тоа претставува политички конструиран наратив кој:
- го прикрива неисполнувањето на преземените обврски;
- им служи на внатрешнополитичките интереси во Скопје;
- го поткопува принципот на условеност врз кој се темели политиката на проширување на ЕУ;
- создава предуслови за засилување на евроскептицизмот и поттикнува дестабилизирачки тенденции во регионот.
Повик
Поради наведеното, ги повикуваме членовите на Европскиот парламент:
- доследно да го бранат универзалниот карактер на човековите права и принципот на недискриминација, вклучително и во однос на граѓаните на Република Северна Македонија кои слободно ја изразуваат и ја бранат својата бугарска идентичност;
- строго да се придржуваат кон фактите и официјалните документи на Европската унија;
- да го штитат принципот на објективна и врз факти заснована оценка на напредокот;
- да не дозволат политизација на процесот преку подвеждачки или селективни интерпретации.
Европската интеграција е процес заснован на јасни, однапред утврдени критериуми и на принципот на условеност, а не на политички сугестии или конјунктурни интерпретации.
Со почит,
Сопретседатели: проф. д.н. Спас Ташев, проф. д.н. Трендафил Митев, Илија Стојановски
Секретар: Димитар М. Димитров
