Зеќири оздраве по четири месеци и се врати во судница – судењето почна од почеток, тој повтори дека не е виновен
По речиси четири месеци одлагања на судењата поради отсуство на обвинетиот Мухамед Зеќири, тој дојде во судницата во Кривичниот суд, а судењето почна одново. Првата причина е поради истекот на 90 дена од последното одржано рочиште, кое се одржа на 15 декември минатата година, а втората е поради промена на член на судечкиот совет.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска побара доказите да не се изведуваат, туку да се прочитаат со цел да не се одолжува постапката, на што обвинетиот се согласи. Набру потоа вторпат му беше побарано да се произнесе дали чувствува вина, на што рече: „Не сум виновен“.
На рочиштето се испитуваше бугарски државјанин, кој во Македонија имал свои фирми, а се поврзува со спорната јавна набавка направена од Зеќири за ангажирање компанија за консултантски услуги. Потоа се испита и вештакот предложен од обвинителката Катерина Коларевиќ.
Сведокот од Бугарија, сопственик на компании во Македонија
Одложувањата на низа рочишта беше поради нарушената здравствена состојба на Зеќири. Тој првин самиот ангажира психијатриски вештак за да докаже дека не може да ги следи судењата. Судијката Јанчулева-Михаиловска прати и вештак делегиран од судот за да утврди дали ваквата состојба на Зеќири е вистинита.
Обвинителката Катерина Коларевиќ поднесе обвинение против ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Тој се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањето, односно дека во повеќе наврати, без јавна набавка, избрал фирми на кои им исплаќал владини пари. Обвинителството тврди дека Зеќири го оштетил буџетот за речиси 1,5 милион евра, кои завршиле во приватни фирми.

