Зеленски го поканил Ердоган да ја посети Украина за прв пат од 2022 г.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го поканил својот турски колега, Реџеп Таип Ердоган, во официјална посета на Украина — прва од 2022 година, јавува БГНЕС.
Ова го соопшти украинскиот амбасадор во Анкара, Нариман Џејлал, за информативната агенција RBK-Ukraine.
Очекуваната посета доаѓа по третиот круг мировни преговори меѓу Украина и Русија, кои се одржаа во Истанбул на 23 јули. Турскиот претседател, кој се позиционираше како посредник меѓу двете земји за време на војната, последен пат ја посети Украина во август 2022 година, кога отпатува во Лвив. Пред тоа, се сретна со Зеленски во Киев на 3 февруари 2022 година — само неколку недели пред руската инвазија.
Една од клучните теми на агендата за претстојната посета ќе биде ратификацијата на долгоочекуваната Спогодба за слободна трговија меѓу Украина и Турција. Преговорите за оваа спогодба започнаа уште во 2007 година, а истата беше потпишана три недели пред почетокот на руската инвазија во 2022 година. Турција ја ратификуваше спогодбата во август 2024 година, додека Украина сè уште не го направила тоа.
Спогодбата предвидува укинување на турските царини за околу 93,4% од индустриските производи и 7,6% од земјоделските производи.
Преговорите меѓу двете страни ќе се фокусираат и на „мировните напори“ на Турција. Иако третиот круг преговори меѓу Киев и Москва заврши без договор, постигната е согласност за продолжување со нови размени на воени заробеници.
Дополнително, Украина предложи организирање на самит со учество на Ердоган, Зеленски, американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Ердоган на 28 јули изјави дека Турција е подготвена да биде домаќин на мировни преговори меѓу Украина и Русија, со цел ставање крај на војната. Тој додаде дека Анкара работи на организирање директна средба меѓу Зеленски и Путин, со можност за учество и на Трамп. Според турскиот претседател, Трамп веќе изразил интерес да учествува, доколку состанокот се одржи во Турција.
Анкара и претходно играше значајна улога како посредник, организирајќи мировни преговори уште во март 2022 година. Турција останува една од ретките земји кои одржуваат отворени канали за комуникација со Киев и Москва.

