Зеленски: Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека одговорот на „територијалното прашање“ се наоѓа во Уставот на земјата, веројатно реагирајќи на изјавата на Доналд Трамп дека идниот мировен договор треба да вклучува „размена на територии во интерес на двете страни“, јавува БГНЕС.
„Никој нема и нема да може да се откаже од тоа. Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторот“, нагласи Зеленски на „Телеграм“, пренесува агенцијата УНИАН. Тој додаде дека Украина нема да ѝ даде на Русија награди за продолжувањето на војната.
Зеленски појасни дека земјата е подготвена за „реални решенија“ што можат да донесат мир. Според него, решенијата „против и без Украина“ се решенија „против мирот“.
„Тие нема да донесат ништо. Тоа се мртви решенија и никогаш нема да функционираат. Сите ние имаме потреба од вистински, жив мир што луѓето ќе го почитуваат. Подготвени сме да работиме заедно со Трамп, заедно со сите партнери, за вистински и, најважно, долгорочен мир – мир што нема да се распадне поради желбите на Москва“, изјави украинскиот лидер.
Претходно беше објавено дека на 15 август во Алјаска ќе се одржи средба меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп.

