| |

АМА ИЧ НЕ ВЕ ЖАЛИМЕ, НАПРОТИВ ВЕ ПОДДРЖУВАМЕ

Деновиве се изнагледавме и изнаслушавме за секакви тези, ставови, мислења, анализи, дебати, а највеќе за препукувања и расправии меѓу секој и секого од македонска и бугарска страна, а богами и внатре во државите за ликот и делото на Гоце Делчев. Секој знае како треба, секој знае каков бил Гоце Делчев. Убеденоста во тврдењата на компјутерскоседачките аналитичари се на ниво на бранење докторски труд, а реално имаат значење ,, како муабет пред кооперација‘‘.

Ги разбирам политичарите од двете страни тоа им е работа да ги билдаат националистичките ставови и позиции, нешто во кое не гледаме ништо лошо, сепак политичарите се избрани народни претставници, избрани од населението на државата и нивна работа е да ги бранат сопствените национални интереси. Нема ништо лошо во изјавата на министерката за надворешни работи на Р.Бугарија Екатерина Захариева кога вели дека нема како да прифати невистинити историски податоци. Во ред е и изјавата на претседателот на Македонија, господинот Стево Пендаровски, која што покажува разумно мислење во насока на пронаоѓање на решение кое ќе ги задоволи и двете страни.

На кратко да спомнам кои се најцврстите позиции на страните:
Бугарската теза е – Гоце Делчев учел воена академија во Софија, бил учител по бугарски јазик во училиште на бугарската Егзархија, пишувал на литературен бугарски јазик. Работи кои се непобитни факти и поради тоа неговата етничка припадност е бугарска.
Македонската теза уште пократко објаснета е дека се тоа е така но Делчев се борел за ослободувањето на Македонија и не би можел да биде ништо друго освен Македонец.

Препукувањата помеѓу обичните граѓани се зголемуваат постојано.
Поради покажаната огромна енергија и знаење во односот Македонија Бугарија, би било добро да се даде нов правец на ,, аналитичарите и историчарите’’ за дебата:
До каде сме со изградбата на железничката пруга Скопје – Софија. Поминаа повеќе од две години од потпишувањето на договорот за добрососедство и соработка мегу Македонија и Бугарија и состанокот на министрите на двете држави каде што беше донесена одлука и потпишан договор за почнување на изградбата на пругата. Некако бавно оди работата, сама од себе ли се гради таа пруга, или со некакви чудни невидливи и нечујни машини, бидејќи нема никаква механизација на терен.
Да не биде после поради тоа што не можеме да се договориме за Гоце Делчев чив е нема да ја почнуваме пругата ( нит Гоце е патувал со воз од Софија до Скопје нит па ние ќе патуваме )!
До каде сме со подобрувањето на условите за патување?
Автопатот помеѓу главните градови е тема на разговор само за пред камери и празни ветувања.
Соработката и размената на искуство во капиталните инвестиции е на ниско ниво.
Поставете си го прашањето, какви се граничните премини помеѓу државите што го „делат“ Гоце?! Дали еден граничен премин каков што е Делчево – Благоевград би постоел во нормални држави ( го визираме изгледот на самите премини не за начинот на работа на вработените). Дали е нормално да има само по една лента за влез и една за излез, знаејќи дека тие ленти поврзуваат градови како што е Благоевград, град во кои секој ден стотици луѓе само од источниот дел на Македонија одат за да си купат продукти, и различни стоки што во голем дел ги нема во Македонија или се со многу поевтини цени. Или од обратната страна на границата, кога во сабота десетици автобуси и незнаен број на комбиња и автомобили од цела југозападна Бугарија доаѓаат на пазар во Делчево, за поевтини и како што самите луѓе кажуваат поприродни и квалитетни стоки како што се месото зеленчуците и овошјето.

Значи кога си имаме меѓусебна размена на општи благодети немаме проблеми од патриотско-егоистичен карактер нели, но доволно е само некој од повискостоечките позиции да започне да билда мускули и веќе не сме пријателски настроенни.

До каде сме со транзграничните проекти и соработки. Дали не е трагикомично што последната соработка меѓу граничните служби беше гасењето на пожарот на граничниот премин Струмица- Петрич.
До каде сме со трговската размена на стоки.
До каде сме со навлегувањето на македонски стоки во Бугарија и обратно. Дали не е жално што ,,рајата“ од источна Македонија си купува лекови и тоа по препорака на македонски лекари од Бугарија, затоа што македонските лекови не биле со таков квалитет?? Дали не е жално што Бугарите доаѓаат во Македонија за да купат плодови, зеленчуци и млечни производи зошто прочуените бугарски кашкавали и сирење, доматите и краставиците веќе започнале да имаат различен вкус и не се толку вкусни???

Деновиве се случуваат и други настани поврзани со гоцевите држави, нешто што не добива медиумско покривање како фајтерските ставови на патриотите.
Во тек се уписите за идните студенти од Македонија во Бугарија. Еве ви тема за дебатирање. До каде сме со зголемувањето на бројката на студенти. Неофицијално оваа година за слободни 300 места се имат пријавено повеќе од 350 апликанти само во амбасадата во Скопје и Конзулатот во Битола. Да не заборавиме дека на 02.03 и 04 Јули може да се аплицира директно во Софија што значи дека бројката сигурно ќе префрли 400, а можеби и 500.

И оваа година останавме на ниво разговори. До каде сме со намалувањето на такстите поврзани со добивањето постојан престој за студентите? До каде сме со зголемувањето на стипендиите? Да го поставиме прашањето до кога децата од источниот дел на Македонија ќе бидат приморани да патуваат до Скопје за подготвителните лекции за приемните испити. Зошто за студентите од источна Македонија за кои можеме слободно да кажеме дека го сочинуваат поголемиот дел од вкупниот број на студенти не се организираат предавања на поблиски локации.
Да прашаме исто така дали има некој што би можел да ни одговори на овие прашања само од обратна страна, како стојат работите за да еден Бугарин да дојде да студира во Македонија???
А да го спомнам и жалењето…
На крај да спомнам нешто и за работата на комисијата по историските прашања за Георги Николов Делчев – Гоце Делчев.
Да ја дадеме целосната подршка на комисијата, не поради тоа што ја сакаме, туку поради тоа што така треба. Комисијата е составена од точно истите луѓе од чии ставови ние сите имаме расправии денеска.
,, Комисијата имала проблеми за решавањето на прашањето за Гоце Делчев“. Не, не е точно дека комисијата има проблеми, комисијата го направи проблемот и членовите на комисијата поради сопствено его не сакаат сега да го решат. Затоа и велам ама ич, ни малку не ве жалиме, туку ви даваме поддршка , знаеме дека не ја сакате, но како што вие не сте мислиле на нас во целост и како ќе влијае тоа што никогаш во минатото, не сте разговарале сериозно на таа тема, на нас обичните смртници од двете држави така и ние сега ќе ви дозволиме слободно да си ги ,, извадите очите“ но овој пат на ваша сметка за да се подобрат работите.

Зошто го кажувам ова? Почитувани повеќето од нас знаат дека најголемиот дел од компјутерскоседачките аналитичари, а богами и од обичните аналитичари немаат завршено историја на високо ниво. Се што имаме прочитано научено е од книги ( пофалби за тие што имаат усно слушнато и разбрано од директни врски). Книги што се напишани од историчари сегашни или бивши. Голем дел од нив се и во комисијата. Ајде да ги оставиме да се разберат, а во меѓувреме да се посветиме на нештата што имаат многу поголемо значење за сите нас.

И додека тие ,, решаваат” ние ќе продолжиме да патуваме едни кон други , да си купиме лекови и храна, да се дошколуваме, да се доизлечиме, да си ги дооправиме автомобилите, при тоа возејќи се по автопатот што не поврзува, фантазирајќи дека се возиме во бугарскиот воз од македонската страна на пругата.

Автор: Столе Велков, претседател на здружението Македонско бугарско пријателство (МБП)



Слични Објави