Зеленски во Вашингтон: Состаноци со американски одбранбени компании пред средбата со Трамп
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека во Вашингтон се сретнал со претставници на американската одбранбена индустрија, меѓу кои и производителите на противвоздушните системи Patriot и ракетите Tomahawk, кои Киев ги бара за заштита од руските напади, пренесува БГНЕС.
Средбата се одржа пред денешната планирана средба во Белата куќа меѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп, кого украинскиот лидер се обидува да го убеди да одобри испорака на ракетите Tomahawk.
Еден ден претходно, Трамп имаше долг телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој предупреди дека евентуалната испорака на овие ракети ќе „нанесе значителна штета“ на руско-американските односи и на можностите за решавање на конфликтот. По разговорот, кој бил инициран од Кремљ, Трамп изјави дека САД не можат да ги „исцрпат“ сопствените резерви од Tomahawk, пренесе АФП.
Според висок украински функционер, американските производители на оружје имаат потреба од „политички сигнал“ за да започнат со испораки кон Киев.
Зеленски објави дека се сретнал со претставници на групацијата Raytheon, производител на Patriot и Tomahawk.
„Разговаравме за производствените капацитети на Raytheon, можните начини на соработка за зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина и нејзините долгоопсежни способности, како и за перспективите за заедничко украинско-американско производство,“ напиша тој на платформата X.
Овие ракети би ѝ овозможиле на украинската армија да изведува напади подлабоко во Русија, во момент кога Москва, со настапувањето на зимата, ги засилува нападите врз украинската енергетска инфраструктура.
Во друго обраќање на X, Зеленски посочи дека имал средба и со претставници на Lockheed Martin.
„Ги изложив конкретните потреби на Украина за системи за противвоздушна одбрана и соодветни ракети, како и за авиони F-16,“ додаде тој.
