ЗЕМЈОДЕЛЦИ ОД КОЧАНИ СО БЛОКАДА СИ ГИ БАРААТ СУБВЕНЦИИТЕ ЗА МИНАТОГОДИШНАТА РЕКОЛТА
Земјоделците од кочанскиот регион денеска повторно излегоа на протест и во селото Облешево со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента на магистралниот пат кон Штип. Тие бараат од Владата да го исполни ветувањето за исплата на субвенциите за предадената оризова арпа од минатогодишната реколта.
На протестот оризарите побараа и навреме да се одреди минималната откупна цена на арпата за да можат да направат пресметка дали ќе имаат некаква добивка од произведеното.
Земјоделците од кочанскиот регион рекоа дека денешната едночасовна блокада на патот Кочани-Штип е само предупредување до ресорното Министерство што побрзо да ги исплати субвенциите, а во спротивно најавија целосна блокада на коловозот.
