Желјазков и Георгиев го поздравија Николај Младенов за изборот за врховен претставник за Газа
Бугарскиот премиер Росен Желјазков и министерот за надворешни работи на Бугарија Георг Георгиев му честитаа на Николај Младенов за неговиот избор за врховен претставник за Газа. Тројцата разговараа во Давос, пред основањето на Бордот за мир.
„Изборот на Николај Младенов на оваа одговорна позиција е огромно признание за неговата долгогодишна работа за постигнување мир и стабилност во регионот на Блискиот Исток. Верувам дека Николај нема да штеди енергија и напори во извршувањето на оваа високоодговорна мисија, која ужива и поддршка од претседателот на САД, Доналд Трамп“, изјави премиерот Желјазков.
Министерот за надворешни работи Георг Георгиев нагласи дека назначувањето на Николај Младенов за врховен претставник е признание и за можностите на Бугарија да придонесе во блискоисточниот мировен процес.
„Умерената и избалансирана надворешнополитичка позиција на Бугарија секогаш ни овозможувала да играме конструктивна улога во изнаоѓањето функционални решенија во име на мирот и стабилноста во регион кој е близок до Бугарија и чија стабилност е клучна за спречување на негативни последици врз безбедноста на нашиот регион и на цела Европа, вклучително и нови мигрантски бранови“, додаде бугарскиот шеф на дипломатијата.
За време на разговорот, Николај Младенов го уверил премиерот Росен Желјазков дека иницијативата за Бордот за мир е во согласност со Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН од 2025 година, која предвидува план за управување, безбедност и обнова на Газа по конфликтот, како и со планот од 20 точки на претседателот Трамп за мир во Газа.
Младенов истакна дека во статутот на Бордот за мир финансискиот придонес на државите учеснички е доброволен и дека ниту една држава не е финансиски обврзана.
