Желјазков: Ѝ посакувам на Црна Гора достојно да го замени Обединетото кралство со својот придонес кон ЕУ
Бугарија останува цврст поддржувач на европската интеграција на Црна Гора, изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков за време на официјалната посета во Подгорица, јавува БНР. До крајот на следната година балканската држава е амбицирана да го заврши преговарачкиот процес. Желјазков очекува веќе во 2028 година Црна Гора да стане дел од Европската унија.
„Сакам од самиот почеток да посакам Црна Гора да биде 28. членка на ЕУ и достоинствено да го замени Обединетото Кралство со својот придонес во Унијата, што е гаранција за сигурност и стабилност. Ако зборуваме за начин на кој има гаранции за стабилност во Европа, тоа го вклучува процесот на проширување. Ќе ги поддржуваме сите држави кандидати кои успешно се справуваат со преговорите, врз основа на сопствени заслуги, за што побрзо да станат дел од Унијата“, изјави Желјазков.
Премиерот стави акцент и на потребата за подобра поврзаност меѓу двете земји. На средбата беше потпишана билатерална декларација за воспоставување редовна авионска линија меѓу Софија и Подгорица. Засега ваква линија недостасува поради слаб интерес, но Желјазков истакна дека ќе се бара нов пристап со цел унапредување на економските односи.
Црногорскиот премиер Милојко Спаиќ ѝ се заблагодари на Бугарија за континуираната поддршка во процесот на евроинтеграциите. Тој нагласи дека речиси 80% од граѓаните на Црна Гора, од сите етнички заедници, се проевропски ориентирани. „Сега е време билатералните односи со Бугарија да се развиваат на повисоко ниво, а граѓаните полесно да комуницираат и патуваат“, рече Спаиќ, додавајќи дека ја охрабрува Бугарија на патот кон Еврозоната.
Тој потсети дека Црна Гора повеќе од 20 години ја користи европската валута без формално членство во еврозоната, што, според него, помогнало земјата да ја избегне хиперинфлацијата и да привлече инвеститори. „Еврото многу ѝ помогна на нашата држава – ја намали инфлацијата, ги охрабри инвеститорите. Тоа е втората најголема валута во светот и многу ликвиден инструмент“, потенцира Спаиќ.
