| |

Желјазков пред Маја Санду: Бугариja цврсто ја поддржува европската интеграција на Молдавија

„Бугарија цврсто ја поддржува европската интеграција на Молдавија. Високо ја цениме политичката волја на молдавските институции решително да продолжат по патот на реформите, владеењето на правото и зајакнувањето на демократските институции – и покрај сите предизвици што произлегуваат од руската агресија против Украина“. Ова го изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков за време на неговата средба со претседателката на Молдавија Маја Санду во Кишињев, соопштија од владината прес-служба, пренесува БГНЕС.

Желјазков изрази благодарност за доследната ангажираност на молдавското раководство со реформите и истакна дека Бугарија останува меѓу најактивните поддржувачи на европската интеграција на Молдавија и Украина, заснована на принципот на сопствени заслуги.

Претседателката Маја Санду му се заблагодари на премиерот за позитивната оценка на Бугарија за работата на Молдавија на патот кон нејзиното приклучување кон ЕУ, како и за поддршката што бугарската влада ѝ ја дава на земјата за нејзината евроинтеграција.

Премиерот ѝ се заблагодари на претседателката Маја Санду за конструктивниот пристап и поддршката на молдавската страна во процесот на трансформација на поранешниот Тараклиски универзитет во целосен огранок на Русенскиот универзитет „Ангел К’нчев“. Премиерот нагласи дека веќе се поднесени повеќе од 200 пријави од идни студенти во огранокот, што докажува дека неговото основање било навремено и неопходно за етничките Бугари. „Со отворањето на огранокот во Тараклија беше поставен темелот за одржливо бугарско образовно и културно присуство во регионот – со значење не само за Молдавија, туку и за нашите сонародници во соседна Украина“, изјави премиерот.

Претседателката Санду истакна дека се забележува зголемување на бројот на оние кои сакаат да го изучуваат бугарскиот јазик. Таа ја изрази својата радост за големиот број кандидати за студенти кои сакаат да студираат во огранокот на Русенскиот универзитет „Ангел К’нчев“.

Двајцата лидери ја разгледаа и состојбата на билатералните односи, кои се засноваат на долгорочни врски, заеднички вредности и силната улога на бугарската заедница во Молдавија како мост на пријателство меѓу двете земји.

Желјазков и Санду дополнително се согласија околу потребата Европа да се бори со сите сили против руските хибридни напади и против дезинформациите. Двајцата уште еднаш ја осудија руската агресија во Украина. Од своја страна, премиерот Желјазков истакна дека бугарската поддршка за Украина ќе продолжи и во периодот на обновата на земјата.



Слични Објави